Студеше и ветар дуваше и јас извалкан
на тоа глупо сонце како јазовец на стража кај дувлото,
мирис на сенф, сред светот. Студеше и слушнав чавки
гракајќи за живот а видов и луѓе кои вдахновено зборуваа за риби
на пат за дома. И ти денес полниш 39. Се чувствував болен и бессилен
а ветерот дволичник ми чепкаше во болеста однатре принудувајќи ме да кашлам и да плукам.
Како ли се прпелкаше во мене.
Заедно ги гледавме брановите, заедно живеевме
во големи несреќи и неколку радости во чудниот ритам на твојата крв.
Под глупото сонце, млако. На денешниот ден помислив на твојата убавина.
во таа брчка што ја носиш под модриците околу очите,
под пластот кожа на љубовта и светлината (леле колку бесмислени зборови)
кои те прават друго нешто.
Си ги погледнав нозете, си ги видов несигурноста и ронливиот асфалт и почувствував
нешто друго.
Шетав по тивки улици сретнав и мачки-скелети, потоа појдов во центарот на градот
и истите тие мачки се катереа по зградите. Ти полниш денес 39, денот е краток
а преку ноќ се собираат красти,
в град, а јас знам само толку: твојата убавина е исто толку реална како и асфалтот, како болеста, како сонце со мирис на сенф, твојата убавина грака за животот и ми
зборува за рибите.
Шетам, значи, низ овој град и ја фалам твојата убавина, мојата љубов, фалам и пеам,
дури до разденување едно портокалово сонце со глупи птици, со сиви луѓе и асфалт
на кој газиме
сѐ дури смртта не ме раздели. А твојата убавина е маглата и воздухот и облакот преку кој сé преживеа. Убавината е твоја оти без тебе и ниту по тебе нема да има живот.
Превод од романски јазик Димо Н. Димчев