Кристина Дoмбровска – ГРАДОТ НА МРТВИТЕ

На оптегнатите јажиња помеѓу гробовите
жена обесува свежо испрана долна облека.
Ги крева рацете во нема ламентација
за да ги прикачи со штипка гаќите или кошулата.
Ноќници, чаршафи танцуваат меѓу камењата.
Наоколу мавзолеи во кои живеат луѓе:
состанари на мртвите и чувари на нивниот мир.
Секаде детски тупот,
играат фудбал, гробовите им се стативи.
Мајка им ги вика на ручек, а нејзиниот глас
се меша со бдението во параклисот.
Сонце. Прашина од пустина. Долната облека се суши брзо,
веејќи со остатокот влажност врз гробишната земја.
Пред вратите на мавзолеите соседите со кафе
ги минуваат попладнињата во оскудните сенки на гробовите,
приврзани до нив исто како јажињата со алиштата.

Превод од полски јазик Звонко Димоски