Лиан О’Саливан – АНТИКВИТЕТИ

Значи во ова ќе се омажам –
ноќни возења за откопување отфрлености од контејнери
долго и потно влечкање, како да сме наговориле
и тегнеле до дома некој труп во сон што оди
и сме го поставиле повторно во нашите сопствени соби.
Или некој друг виден во ќошот од некое продавниче
си нашол на продажба и ти одговарал.
Рече дека сјајот од него бил како да гледаш
надолу низ вода, надолу отаде старо дрво,
небо од тополи или ореов боцкав цвет.
И што да правам со таквото наследство?
Кога ќе те нема и ќе останам да се чудам
што да се зачува од љубовта и дрвјата и сенките,
верувам нема да се изненадам ако го пронајдам
смирениот свет спокоен среде твоите ствари.

Превод: Горјан Костоски