Лиан О’Саливан – ЉУБОВНИ СКАЗНИ

А кога се карале, татко ми кажуваше,
во собите полни природна, вештачка светлина, тој
налактен во церемониите на весниците,
звукот се состоел од нејзините удари при
затворање на креденците, на влезната врата,
на чашите и чиниите скршени во длабокиот мијалник
како ненадеен порој на град.
Тој ги вртел страниците многу споро,
за да не ја вознемири, водејќи сметка за ножевите
каде компири со путер уште го декорирале сечивото.
И штом загледан над крајот од весникот
мирно понудил, „А чекан ќе ти заврши работа?“
па целата работа почнувала одново.
Три дена и три ноќи шарки го превртувале
светот, мекиот малтер се ронел некаде
долу зад креденецот, а од под стреите
сколовранците спраштувале од гнездото и летале во уплав
и го кревале аглестиот кров како светлечки пламен.

Превод: Горјан Костоски