Луис Арманд – ГОВОР

Демнејќи ги кејовите јужно кон мостот со пруга,
покрај театарот каде Петр Лебл се обеси
помеѓу сценографијата. Стапалчиња од гулаб во снегот
под статуата на Св. Френсис во екстаза.
Во овој живот, во кој трошка има што да се постигне – потсетен
за дострелите, потчинувањето: нумерологијата
на трамваите, премолчените муабети од тротоарската трговија.
Прозорци и љубов или нормализација. Еден билборд нуди
скровиште од Историјата – и токму во ова веруваме
или пак не? Мислиме само на следната пијачка.
Голема сина локомотива проаѓа низ маглата небаре
боксер ветеран кој чади од јажињата, веќе претепан.
Дишеш и продолжуваш, се држиш близу до земјата –
нејасен ореол на месечина ко длабок издигнат срп.
Под сомнеж дека времето тече само во сништа или поезија –
секој миг е она што е и ништо друго.
Жолтеникавите очи на уличните светла, свртени навнатре
небаре треба да ја согледаат вистинската суштина на нештата.
(Иако и ние сме нешта.) Совладувајќи кратки релации.
Ноќ со пливање во реката – реката надојдена од светлината.
 
Превод од англиски јазик Елида Бахтијароска