Мануа Рима – Надреализам

Хуморот е главен, стегите на разумот ги нема.
Ониризам, еротизам отсекаде бликаат.
Без логика, детскиот дух свое катче си зема
во сонот на лудите откај што ја црпи сликата.
Метафората е всушност вистинскиот јазик.
По патот на сонот слободата, низ мрачна корија,
води во свет на слики кои, како некакви ќупови мазни,
содржат идеи низ кои тече алегорија.
Желбата го наложува своето врвно право тука.
Надежта прави помеѓу ноќта и денот да се смали растојание.
Таа сака да го промени светот како капетанот лукав
кој бродот го насочува вон од Сатурново влијание.
Дали, мегаломан на самофалби шумни,
н# забавува со својата манија, со измамништво шарено.
Бретон се спасува од заклучоци премногу умни
со автоматско пишување, овошје во мед варено.
“Соѕвездија” на Миро додаваат свои чуда,
свои знаци на една сопствена азбука, капка по капка.
Творечкиот занес, имагинацијата по малку луда,
ставаат убав пердув врз баналната шапка.
Надреализмот во служба на револуцијата – балада
во облаците на една мисла што бара секаде сличност.
Борба за човекот што низ апстракции блада.
Една трошка лудило за да се замачка обичното.

Превод од француски: Влада Урошевиќ