Мартин Глаз Серуп – 13.

Утрово беше толку злокобно
прозорците на колата подбелени од мраз
мразот не заминува, јас сепак возев
ко во лош сон, со главата издадена надвор
луѓето ми свиреа, некои сигнализираа
Еве уште едно искуство од во кола: мразот
не можеш да закочиш, лизгаш, нанапред, поминуваш на црвено, кочницата втоната до крај
Друго искуство: снегот
прскачите не работат, шофершајбната е сиво-кафена маса
непроѕирна, на автопат, со децата на задното седиште
И уште едно: се отвораат вратите
неколкупати ова се случи, вратите од колата, на автопат, автопатите, децата
Сообраќајот е нереален, често
ќе ме убиеле и ќе сум убиел во него
но сепак не се случило
Јас сум на третиот кат од црвеното куќиште и гледам нанадвор
доцна е, децата спијат, надвор се стемнува
Кога најмалку очекуваш
Чарлс Резников* вели на едно читање во Сан Франциско во 1974
светлото се гасне
И пак кога најмалку очекуваш, вели
светлото се пали
пак

Превод од англиски јазик Горјан Костовски
* Чарлс Резников (31 август 1894 – 22 јануари 1976) – американски поет најпознат по своето дело Сведоштво: САД (1885-1915), како и Рецитат (1934-1979). (Заб. на прев.)