Мартин Лангфорд – ПРИКАЗНАТА ЗА СУШТЕСТВОТО

Еднаш одамна
се јави потреба
која стана пребирлива.
 
Во бездни без дно
чудовиштата
се имаа лапнато
од памтивека.
 
Очите
на октоподот
ококорени.
 
Јагуарот
си ја затресе главата
во црвената топлина на ребрата.
 
Мршојадите
надежно кружеа
за трупови.
 
Никој не ни помислуваше на убавина.
 
Или на правдина.
 
Или на страдање.
 
Милиони и милиони години.
 
И тогаш –
без преседан –
еден помисли.
 
Едно суштество
научи
да искажува избори.
 
И откри
дека му требаат
дневни зони
ослободени од свежа крв.
 
Дека тоа копнееше
по структурирани заедници:
каде болката беше забранета,
и случајни настани,
и сите несоодветни заплети.
 
Дека му се смачило
од тоа како функционира планетата –
сакало да гледа занесно во љубовта,
да обликува трајни докази.
 
Да оди надолу по улицата
во сплет од топло значење,
да гледа игри во кои никој не умира.
 
А за месото од кое беше создадено:
месото беше место на злостор
за начинот на размислување.
 
Што делеше, до толку повеќе,
со хиените или лигњите?
 
Сакаше да купува нешта –
да руча со пријатели –
да вози до лозја и до ридини.
 
Да си седи така само
со тоналитетот на зборовите.
 
Да си кажува самото на себеси приказни за зголемувања.
 
Толку многу задоволства.
 
А сепак:
 
страв му беше –
 
од светот,
 
од нештата
на кои мислеше.
 
Замисли си,
 
ако сакаш,
 
суштество
кое почнало да зборува со други, со себеси…
 
Превод: Елида Бахтијароска