Додека си размислував за тоа што е најдоброто нешто што возрасните можат да им го пружат на децата од проблематично маало, дојдов до заклучок дека тоа е можноста да им понудат места кои не ги контролираат насилници, моќници и вагабонти, места во кои секој се почитува и се третира како рамноправен.
ВЕТУВАЊЕ
Ова е за сите оние кои, на пат кон дома,
некој умерено-облачен, замаено-замислен ден,
ги тргнале настрана и,
со целата таа пламната намера со тапиот поглед
на природната селекција,
ги трескале пак и пак од ѕидот,
додека насилниците, чии прашања биле лаги,
прашуваа зошто потфрлиле, или вредно работеле,
или биле трапави, или ситни.
Секогаш некое ситно, ама споделено признание за различност.
За сила.
Зашто слабоста ја подбуцнува моќта.
За оние кои не се провлекле низ нивните провокации.
Кои едноставно не биле потребни. Кои биле продадени како робови.
За дваесетте проценти, во мешаницата на традиционалните животи,
кои умирале пред да наполнат деветнаесет години.
За оние кои ги фрлале во реки.
За оние што ги спопаднало од играчка – плачка.
Кои потфрлиле на сите тестови на лекото задевање.
Кои биле опседнати со убавина.
Или привлечени од алтернативи.
Кои никогаш не си дозволиле, подоцна, таква слабост пак –
Ќе ја негуваме фикцијата на правдата.
Ќе ја преуредиме и исполираме
вечно-разурнувачката мобилност на местата и законите.
Ќе ја искривиме и силно ќе дувнеме и ќе свирнеме кон нашата иднина.
Ќе запишеме текстови,
архивираме преседани;
ќе чуваме стража и за најмалиот сигнал
кој ќе ни каже дека сме отишле предалеку.
Некако ќе испееме простор.
Превод: Елида Бахтијароска