Михаил Ренџов – МОРЕ

Колку ли пати
со него се гоневме
Тоа се креваше
Ние паѓавме
Тоа паѓаше
Ние го кревавме.
Колку ли криенки
со него изигравме
Ние се криевме
Тоа нѐ бараше
Ние се губевме
Тоа нѐ наоѓаше
Колку ли пати
Во нас ноќеваше
Нему му мркнуваше
Нам ни обденуваше
Ние бегавме
Тоа тагуваше
Колку ли умирања
Со него приспомнавме
Ние умиравме
Тоа се раѓаше
Ние сонувавме
Тоа нѐ будеше.
. . . . . . . .
. . . . . . . .
И затоа постојано чинам
Трепери една негова капка
Над нашата скришна
Пустина.