Миле Стојиќ – НЕ МОЖАМ ДА ТЕ ПРЕЖАЛАМ

Не можам да те прежалам, зашто твојата болка трае
Во моето месо. Во секој збор што го изговарам
Во секое залче од горкиот леб. Не можам
Повеќе да чекорам низ алејата, ни да пијам од чистиот извор
Одамна мајките ги симнаа превезите и ги распуштија
Бујните коси, одамна јасенот се поли со нов лист
Само јас не можам да те прежалам, и долго веќе те
Сретнувам во сништата, во бистрите горски очи.
Не можам да те прежалам во зимските предвечерја
Кога Богородица во родниот крај разговара со овчарките
Поминаа стотина лета од речениците кои се изговорени
Езерата се одмрзнаа и пролетта шуми низ круните
А јас чекам да ми се јави непознат гласник
Да ме осветли вечерната ѕвезда со леден сјај
И како да се појми оваа ентропија на љубовта. Која мижурка
Како знак на рунолист врз голите студени врвови.
Не можам да те прежалам во честичките, во морските
бранови кои ги оплакуваат сртовите на телото и летото.
Колку подолго трае летото, толку побргу телото влегува во есен, во темна песок
Разбојниците од друмот ги опљачкаа моите златници
Па песните денеска ми ѕвечат како скршен бардак
Наместо дукатите сега тука се долгите дождови, студените ветрови
Облекувам наметка од молк во чекањето на непознатиот гласник
На вечерната ѕвезда да ме осветли со леден сјај.

Превод од босански јазик Игор Исаковски

mk_MKMK