Миле Стојиќ – СТРОФИ ЗА ЈОВ

Зошто господе ми даде да пишувам
Да запишувам и помнам што треба да се заборави
Да живеам во тесно и мало а да тежнеам кон повисоко
Под ова сурово сонце, ова сиво небо.
Зошто господе ми даде илузија да се надевам
Да царувам во синило, во облаци да кралувам
Кога знаеше дека ќе паднам и уште паѓам
Во кратериве остри во кои зима царува.
Зошто господе ми даде слабост солзи да лијам
Секој праг да го пречекорам, без обѕирање
А сѐ што градев и ткаев му го препушти на посилниот
Чија алчност е поголема а благородноста помала.
Зошто господе ми даде способност да љубам
И мојата љубов со години ко Нијагара да се пени
Зарем не ќе ми беше подобро во небесниот карантин
Во чија белина траат презрените и нељубените.
Пред чија врата ме пушти додека очајот ромори
Со тело кое не лета и со душа која како чад се извива
Зошто не ме остави на сурата херцеговска гора
Која и на Илинден е прекриена со покров од слана.

Превод од босански јазик Игор Исаковски