Мостови на Струга

Награда „Мостови на Струга“

Наградата „Мостови на Струга“ е награда на УНЕСКО

Kако реномиран светски фестивал, „Струшките вечери на поезијата“ се одржуваат под покровителство на УНЕСКО, при што се доделува и награда на УНЕСКО „Мостови на Струга“ за најдобра поетска збирка од поет-дебитант од светот по пат на меѓународен конкурс.

Наградата е востановена во 2003 година. Прв добитник е Ангело В. Суарез (Филипини)

Наградени Поети

Владан Кречковиќ

Владан Кречковиќ е роден во Белград, 1988 година. Дипломирал Новинарство и комуникологија на Факултетот за политички науки на Белградскиот Универзитет. Неговата поезија е објавувана во неколку книжевни списанија: „Градина“, „Кораци“, „Буктиња“ и веб порталите „Астронаут“, „Стране“ и „Афирматор“. Париз, Тексас е неговата прва поетска книга. Покрај поезија, тој пишува проза, а неговиот краток расказ Исчезнатите беше дел од 41. издание на Ракописи – зборник на проза и поезија од млади автори од земјите на поранешна Југославија.
Неговата дебитантска збирка Париз, Тексас, за која ја добива наградата е во издание на Енклава. Во рецензијата за збирката се вели:
“Веќе од самиот наслов на првата збирка песни на Владан Кречковиќ, Париз, Тексас е назначено на кој начин би требало да се читаат песните што се пред нас. Алудирајќи, пред сѐ, на култниот филмски класик на Вим Вендерс, но и на филмот Чанкинг Експрес на ништо помалку култниот Вонг Кар- Ваи, што говорат за тоа колку животот може да биде безволен и без смисла по прекинот на емотивните врски, Владан Кречковиќ на мошне суптилен и непретенциозен начин ја раскажува приказната за разделбите обидувајќи се преку патувањата, гледањето на семејните фотографии, наоѓањето соговорник во странецот што оставил коменар на Youtube, преку непрестајното сеќавање и преиспитување, да најде потпорна точка од која неговиот живот може да продолжи со вообичаениот тек. Оваа книга нуди поинаква перспектива на романтичната загуба без грам патетика и претставува исчекор во просторот на новата чувствителност.”

Мартина Стракова

Мартина Стракова студирала културолошки науки и дипломирала на Факултетот за уметност на Универзитетот Комениус во Братислава. Подоцна била стипендист на неколку врвни германски универзитети, како и докторска титула по Филозофија. Од 2013 година, таа е ко-организатор на Меѓународниот фестивал на поезијата „Арс Поетика“, каде одржува бесплатна работилница за креативно пишување „Донесете ја вашата песна“, која е отворена за широката јавност како редовен дел од фестивалската програма. Таа е посветена на пишување поезија, бајки за деца, сликарство и уметнички превод од германски на англиски јазик и обратно. Дебитирала со својата поетска колекција наречена „Разгледници од невидливи места“ (Похјаднице z neviditeľných miest, Арс Поетика, 2019). Живее и работи во Братислава.

Моника Херцег

Моника Херцег е родена 1990 година во Сисак, сегашна Хрватска. Студира физика на Одделот за физика на Универзитетот во Риека. Живее во Загреб. Таа е добитник на наградата „Мостови на Струга“ за 2019 година, што ја доделува фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ за најдобра дебитантска книга. Песните ѝ се објавувани во различни списанија и на порталите во Хрватска и во регионот, како и на Третата програма на Хрватското радио. Покрај наградата наградата за дело во ракопис „Горан за млади поети“ од хрватскиот поетски фестивал „Горанова пролет“ (Goranovo proljeće) ја освоила и и втората награда на меѓународниот натпревар за поезија Castello di Duino 2016 и првата награда на регионалниот натпревар за хумористично-сатиричен жанр „Стеван Сремац“ 2017.

Паули Тапио

Паули Тапио е роден во 1986 година во северниот фински град Оулу. Во детството неговото семејство неколку години живеело во странство, во САД, во Чехословачка и Обединетото Кралство. Потоа живеел во Хелсинки, Финска и Санкт Петербург, Русија. Студирал финска книжевност и руски јазик на Хелсиншкиот Универзитет и работи како книжевен критичар, организатор на настани и преведувач. Тапио превел неколку книги од руски јазик меѓу кои и Сергеи Довлатов и Светлана Алексиевич, како и поезија од млади руски поети. Моментално работи на Хелсиншкиот Универзитет каде што предава и спроведува истражувања за својот докторат за формирањето на слободниот стих во модернистичката финска поезија.
Врапчињата и времето, неговата дебитантска книга поезија за која ја добива наградата „Мостови на Струга“, e објавена во 2017 година. Истата година ја добила престижната награда за книга „Хелсингин Саномат“, која што се доделува за најдобра дебитантска книга проза или поезија за таа година. Во својата поезија, Тапио особено се занимава со ритмите во финскиот јазик. Исто така заинтерсиран е за формалните и стилски конвенции од различни поетски традиции и сака застарените форми и ограничувања да ги прилагоди во современите контексти задржувајќи ја врската со иновативната современа поезија на својот мајчин јазик и на другите јазици. Тематски, неговата прва збирка ја истражува судбината на модерната индивидуалност фатена во грчот од светската историја и светските политики.

Горан Чолакхоџиќ

Горан Чолакхоџиќ е роден во Загреб во 1990 година, а моментално живее во Самобор.
По завршувањето на основното образование во Самобор и средното образование
во Загреб, дипломирал на Одделот за англиски и романски јазик и книжевност на
Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб.
Во 2014 година ја напишал стихозбирката со која ја добил хрватската награда „Горан“
за млад поет во март 2015 година. Истата година книгата била објавена во Загреб под
името На крајот од таа градина.
Во јули 2015 година ја освоил првата награда на загрепскиот фестивал „Петрарка
Фест“ за најдобар сонет. Откако ја освоил првата награда, неговите песни биле објавени
во бројни списанија во Хрватска, Босна и Херцеговина, Романија и Белгија. Исто така
бил објавуван на онлајн портали во Хрватска и земјите од бивша Југославија.
Во 2016 година бил избран за претставник на Хрватска за проектот Версополис.
Учествувал на јавни читања, дискусии, разни книжевни настани, како жири на помали
книжевни конкурси и други слични проекти.
Неговите песни се преведени на англиски, романски, полски и холандски јазик.

Руна Светликова

Руна Светликова (Белгија, 1982) е поет, писател и графички дизајнер. Родена е 1982 година. Студирана графички дизајн, јазик и литература. Дебитирала во 2014 година со поетската книга Оваа мека бела соба објавена од „Мермер Прес“. Таа е добитник и на наградите „Херман Де Конинк“ (2015) за дебитантска книга  и Поетската награда „Џо Петерс“ за 2016 година, а била во најтесниот избор наградата „К. Будинг“ (2015), како и за „Пернат“ (2015).  Во 2016 ја добила наградата „Мостови на Струга“, која ја доделуваат СВП и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга од млад светски автор. Редовно организира поетски читања и помали фестивали. Пишува на холандски јазик.

Паула Бозалонго

Паула Бозалонго е родена на 15 април 1991 година во Гранада, Шпанија. Студира архитектура во Мадрид. За нејзината книга Декември и се бакнавме е добитник на престижната награда на едицијата „Хиперион“ во Шпанија, која веќе 30 години се доделува за поетски ракопис од млад автор. Нејзините песни се објавени во значајни книжевни списанија, не само во нејзината родна земја, туку и во други земји во светот. Нејзината дебитантска книга Декември и се бакнавме низ 26-те песни поделени во два дела донесува поетски јазик од кој зрачи особен сензибилитет, необременет од некаква вратоломна реторика, експериментален или метафоричен израз. Тоа е поезија која носи рефлексии на извесни несигурности и стравови, неодлучности во потрагата по блискост. Тоа ни најмалку не е некаква старомодна сентименталност, туку одухотворен израз на интимноста кој носи искреност изразена на еден особен начин, полна со евокативни слики натопени дури и со влијанијата на архитектурата.
Лирскиот субјект одразува еден интимен лирски темперамент низ елегантните и смели измени на поетските слики, низ еден елегичен тоналитет во кој се случуваат нивните постојани преобразби. Спокојниот тон на оваа само-рефлексивна лирика одеднаш го нарушуваат контрапунктни слики кои понекогаш донесуваат спротивставеност и зачуденост, и делуваат како емотивна каденца во текот на песната. Ваквото поетско обликување ѝ овозможува на младата поетеса да ги впрегне во песната сите реминисценции, алузии, емотивни изблици, сеќавањата, сомнежите и стравовите низ вештите измени со приказната и исповедноста и да создаде исклучително сугестивна лирика која го предизвикува читателот со постојаното нарушување на таквиот доверлив тон преку постојаните јукстапозиции на сликите.
Оваа поезија извира од таа верба во трансформирачка моќ на емоциите кои ги натопуваат поетските слики во тежнение повторно да ја откријат и да ја изменат внатрешната логика на времето и просторот. Оттаму таа потрага по љубов, по блискост е потенцирана преку отсликаните претстави на простори и предмети кои го содржат студенилото и оттуѓеноста, и е проткаена во песната како еден пригушен плач во бурата („Престижот на плачот“).Тие интроспекции на разочарувањата, копнежите и мечтаењата стануваат контемплативни слики кои содржат и геометриски форми и структури, архитектонски метафори, како на пример во песната „Геометрија“ каде во еден кубистички манир ги исцртува силуетите на саканиот со триаголници, трапезоиди, кругови и елипси. „Ми недостасуваат димензии / за да го објаснам светот“, како што самата вели во својата песна, навестуваат ново име чие поетска потрага по ново поетско писмо со сигурност ќе донесе поетски творби кои ќе го привлечат вниманието на европската и светската книжевна јавност.(Од образложението на одлуката на СВП по повод доделувањето на наградата „Мостови на Струга”)

Мануа Рима

Mануа Рима е родена 1975 година во Лувен, Белгија. Средно училиште и Факултет за економија и јазици завршила во родниот град. По дипломирањето во 1996 година, патува на Мартиник. По враќањето во Белгија работи во администрацијата на неколку мултинационални компании за телекоминикации. Потоа следуваат патувања по светот: во Египет 1997, Сенегал 1998 и во Русија, Бугарија и Романија 1999 и 2000. Во 2005 и 2006 Рима патува во Австралија и Нов Зеланд, збогатувајќи ја својата душа со ново искуство и спознанија за универзалните вредности на животот и човекот. Својата прва книга Букет човечност ја објавила во 2006 година на француски јазик.

Ангело В. Суарез

Aнгело В. Суарез е роден во Филипини. Тој е автор на две книги. За книгата “Нимфата од МТВ” ја добива наградата „Мостови на Струга“. Тој е првиот добитник на наградата.

Андреа Коте

Mладата поетеса Андреа Коте (1984), иако со можеби мало животно искуство, веќе длабоко е навлезена во светот на поезијата. Присутна е во повеќе поетски антологии, во родната Колумбија, Мексико, Перу и Никарагва. Учесник е на неколку поетски фестивали во Јужна Америка и е коорганизатор на поетски фестивал во родниот град Баранкабермеха. Работи како доцент на литература на Андскиот универзитет. Добитик е на наградата “Мостови на Струга” за најдобра дебитантска книга во светот што ја доделуваат СВП и Унеско.
“Поезијата на Андреа Коте е поезија на култивирано и сензибилно авторско право. Таа е имагинативна и сугестивна, со сопствен оригинален лирски идентитет во кој е направена зрела рамнотежа меѓу традиционалниот и современиот израз на пеењето”, стои во соопштението на жирито во состав: Матеја Матевски, член, Влада Урошевиќ, член на Европската поетска академија и Зоран Анчевски, претседател на Комисијата.

Маријана Гејде

Mаријана Гејде е родена во Москва. Поет, прозаист, преведувач. Завршила филозофски факултет. Добитник е на неколку награда за млади. Наградата „Мостови на Струга“ ја добива за нејзината збирка поезија Време за бришење прашина, објавена 2005 година.

Песна:***

Хари Ман

Xари Ман е млад поет, роден во 1982 година во Бакингемшир. Работи како уредник, програм и дигитален издавач. Неговиот глас е исто така позајмен од Харпер Аудио за многу детски книги. Во 2012 година тој ја освојува третата награда на Меѓународниот поетски фестивал во Кардиф и втора награда на наградата „Измислени зборови“ на Интернационалниот ПЕН центар. Негови дела досега се објавувани во неколку позначајни весници, а неговата дебитантска збирка поезија „Лифт“ за која и ја добива престижната награда на Струшки вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО, наградата „Мостови на Струга“ е во издание на издавачката куќа Tall Lighthouse.

Николина Андова Шопова

Николина Андова Шопова е родена на 1978 година во Скопје. Дипломира на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Објавувала поезија и хаику во повеќе списанија. Во 2013-та година ја објавува првата поетска книга, „Влезот е од другата страна“ (издание на „Темплум“), за која ја добива наградата „Мостови на Струга“ од СВП и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга. Истата е објавена и на англиски јазик. Во 2014-та ја објавува својата втора поетска книга, „Поврзи ги точките“ („Темплум“).

Сим Кера

Cим Кера е роден 1989 година во мало гратче во јужниот дел на Естонија, Вастселина. Живее и студира во Тарту. Неговата прва книга е објавена во 2009 год. Во неа тој пишува за љубовта и смртта, како и за сè онашто тој го смета за интересно. Има објавувано поезија и кратки раскази во најразлични списанија и весници. Сим Кера пишува и музички осврти за едно од најпознатите списанија во Естонија. Слободно може да се заклучи дека Сим Кера го сака пишувањето.

Хироши Таниучи

Поет, преведувач, роден е на 19 февруари 1976 год. во Јапонија. Дипломирал на Универзитетот Осака Префектура, на катедрата за Француска култура. Член е на Асоцијацијата на Јапонски универзални поети, Поетско здружение Кансаи, уредник
на Англиско-јапонската меѓународна публикација „Поетски мост: АМА-ХАШИ“ www.ama-hashi.com. Член е на Поетското списани „ПО“ (Осака, Јапонија). Неговата прва книга „Уште еден збор за светот“, претставува придонес за Меѓународното списание: „Поетски мост: АМА-ХАШИ“

Франсоа Ксавие Мегр

Pоден во 1982, во приморски Шарант, Франција.По студиите на право, а потоа на новинарство, станува новинар во дневниот весник „Круа“.По примерот на Ролан Надос и читањето на Сен-Пол-Ру, Жил Бодри или Жерар Бошолие, неговото пишување покажува стремеж кон внатрешното, кон слушањето, кон контемплацијата.Во неговите очи, зборот не треба да се врти кон самиот себе, туку да и служи на мистеријата која го надмиува, да цели кон нешто поголемо од него самиот.Напоредно со пишувањето, Франоса-Ксавие Мегр се занимава и со музика; има издадено три диска со песни, има одржано многу концерти…

Антонија Новаковиќ

Aнтонија Новаковиќ е родена 1979 година во Загреб. Освен на наградата „Мостови“ (2008), добитничка е и на наградата за поети-дебитанти „Горан“ (2008), која се доделува во рамките на фестивалот „Горанова пролет“ во Хрватска. „Лесно ми е да бидам полоша“ е нејзина прва книга. Претходно нема објавувано. Живее и работи во Загреб.

Усман Сар (Сарус)

Yсман Сар (Сарус), роден во 1980 година, е млад поет и прозаист кој пишува на француски јазик. Студент е по современи уметности и филозофија на Универзитетот Париз 7. Исто така, тој е поранешен шампион на Сенегал и Млад африкански франкофонски елитен играч на јазичната игра Скребл (Scrabble). Роден е во Дакар, каде бил почесен Специјален советник на поранешниот градоначалник на неговиот град, пред да замине за Париз каде го продолжил своето образование по завршувањето на средното училиште во 1999 година. Неговата прва книга поезија е со наслов Ритамот на брановите.

mk_MKMK