те оставам и се престорувам во камен
ти се враќам и се престорувам во камен
Медуза те именувам
те именувам за постара сестра на Содом и Гомор
ти крштеничка каленице што го изгоре Рим
Убиените си ги потпевнуваат песните по ридовите
а бунтовниците ги караат прекажувачите на нивните приказни
дури го оставам морето зад мене и тебе
ти се враќам, се враќам
крај рекичкава која се влива во твојот очај
Слушам рецитирачи на Куранот и оние што ставаат плаштаници врз мртвите
слушам прашина од сочувствувачите
ни триесет години немам уште, но вие ме закопавте, и пак и пак
и секој пат, за ваше добро
никнувам од земјата
Па оние што ве воспеваат нека се носат џенем
оние кои продаваат сувенири од вашата болка
сите овие кои стојат со мене, сега, во сликава
Медуза те именувам
те именувам за постара сестра на Содом и Гомор
ти крштеничка каленице што сè уште гориш
те оставам и се престорувам во камен
ти се враќам и се престорувам во камен
Превод: Горјан Костоски