Наџван Дарвиш – ЛИЧНА КАРТА

И покрај тоа што – другарите се шегуваат – Курдите се познати по нивната суровост, јас бев понежен
од летен повев дури ги гушкав браќата мои од сите четири ќошеви на светот.
И јас бев Ерменецот кој не ги веруваше солзите под клепките на историскиот
снег
кој ги покрива и убиените и убијците.
Ќе претерам ли, ако после сѐ што се има случено, си ја фрлам поезијата в кал?
Во секој случај јас бев Сириец од Витлеем кој ги издигаше зборовите на моите ерменски браќа,
и Турчин од Коња кој влегува низ портата на Дамаск.
И пред некое време пристигнав во Бајадир Вади ал-Сир и бев добредојден од ветрецот,
ветрецот кој го знаеше значењето на маж кој доаѓа од Кавкаските
Планини, гордоста негова и коските од предците негови како единствени друшки.
И кога срцево мое првпат стапна врз алжирска почва, ни за миг не се посомневав дека не сум
Имазиг[1].
Каде и да одев, ме сметаа за Ирачанец, и не грешеа.
И често се сметав себеси за Египќанец кој живее и умира и живее и умира крај Нил
со моите африкански предци.
Но, пред сѐ јас бев Арамеец. Не е чудо што вујковците ми беа Византијци,
и дека јас бев Хиџази[2] детенце галено од Oмар[3] и Софрониј[4] кога Ерусалим
го отворија.
Нема место кое се спротивставува на своите освојувачи ама пак јас бев еден од неговите луѓе, нема
слободен човек со кој не сум рода, и нема ниту едно дрво или облак
на кој не му сум должен. И мојот презир за Ционистите нема да ме спречи
да кажам дека бев Евреин протеран од Андалузија, и дека сè уште плетам значење
од светлината на тоа заоѓачко сонце.
Во мојата куќа има прозорец кој се отвора кон Грција, икона која покажува кон Русија, една
слатка миризба што вечно си се носи од Хиџаз,
и едно огледало: Само што ќе застанам пред него се гледам себеси пролетно време сред
градините во Шираз[5], и Исхафан[6], и Букара[7].
И според сè помалку од ова, човек не е Арап.
 
 
Превод: Горјан Костоски

mk_MKMK