Паула Бозалонго – Декември и се бакнавме

Во Северна Кореја веќе заврши годината.
Декември и се бакнавме.
Огнометот
е првиот празник во нивните животи.
Откриваа зачудено
каков облик има небото.
На последниот бакнеж
од првиот ден заедно
згаснаа светилките.
Последната ракета со празничен огномет
веќе експлодира, понекогаш ќе претпочитаат
да го немаа искусено крајот на годината
полн со изуми,
сега сите ноќи
им се чинат темни.
Во љубовта, барутот
е налик на гестови посветени
на еден страв што не гори,
доколку пиротехниката е само игра.
Ако вечерниот воздух нé потсетува
дека во црнилото не постојат бои
без запален оган,
пак фати ме за рака,
нека синото поцрвени,
жолтото нека се претвори во ден
и вестите нека ја донесат новоста што ја очекуваш,
трпеливата невистина.

Превод од шпански: Марија Крстевска