Паула Бозалонго – Жената стана пештера

Жената стана пештера,
влажноста што беше во неа
ја претвори нејзината мазна кожа
во рушевина.
Денес доаѓаат туристи за да ја набљудуваат.
Ја галат нејзината борба против времето
и благородната постојаност да живее од студот.
Скришум ги допираат нејзините скриени ќошиња
очекувајќи го засолништето на каменот:
милениумско разбирање на историјата,
граница од светлост и сенка на нејзиниот страв.
Не се губи злото во престижот,
варта не бледнее со нивните посети,
принципот е конечен,
туристите си заминуваат.
Нема жени без светлина
ниту куќи без прозорци.

Превод: Марија Петровска