Паули Тапио – 1. (Кога ќе изгледаш 3000 фотографии…)

1.
Кога ќе изгледаш 3000 фотографии од проживеан живот, почнуваш да искашлуваш вода,
излегуваш надвор и блуеш небо од твоите преполни бели дробови,
2.
небо со 3000 далечни запалени дупки,
а без долга скала за да се качиш и да ги поправиш.
3.
Одењето на Месечината е мачкина кашлица. Само скок преку ров,
но ај пробај да си го закачиш знамето во било кој проживеан миг.
4.
Ќе се запали, ќе видиш.
5.
Знаеш: „Ако целото време е вечна сегашност целото време е
неоткупливо“.
6.
Non nobis, non nobis, Domine, sed nomini tuo da gloriam*, тоа го пееле
на Свети Криспин пред сто години, откако завршила битката,
и расплаканиот крал го однесол телото на младо момче до запрегата.
7.
И последните издивнувања на мртвите, прекриени од облаците на небото,
кондензираа во планети, баш како оваа, и врнат врз нас, сè уште врнат врз нас.
* Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај Му слава (Заб. на прев.)
8.
Но не тврдам дека времето постои, не, не.
9.
Само мислам дека Господ почнал да си ја полни кадата со елементи,
но заборавил да ја затне.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески