Радмила Лазиќ – ЖЕНСКО ПИСМО

Не сакам да бидам послушна и кротка.
Мазна како мачка. Приврзана како куче.
Со стомакот до заби, со рацете во тесто,
Со брашносано лице, со срцето-јаглен,
И со неговата рака на мојот задник.
Не сакам да бидам знаменце за добредојде
На неговиот куќен праг.
Ниту змија чувајкуќа под тој праг.
Ниту змија, ниту Ева, од приказните за Постанокот.
Не сакам да шетам меѓу вратата и прозорецот,
Да ги наслушнувам и насетувам
Чекорите на ноќните шумови.
Не сакам да го следам оловното поместување на
стрелките,
Ниту паѓањето на ѕвездите –
За тој пијан во мене да заринка како слон.
Не сакам да бидам вдената со гобленски бодеж
Во семејната слика:
Крај каминот со клопчиња-деца,
Во градината со кученца-деца.
Пак, јас како дрво-ладовина.
Пак, јас како зимски пејзаж;
Статуетка под снегот
Во венчаница со набори и со ленти
Ќе одлетам во небото.
Алелуја! Алелуја!
Не сакам младоженец.
Сакам побелена коса, сакам грпка и котар,
Па да тргнам во шумата,
Да берам јаготки и да собирам суварки.
Да биде сѐ зад мене,
И насмевката на она момче
Некогаш многу мило и незаменливо.

Превод од српски јазик Бранко Цветкоски