Роландо Катан – АНАНАСОВОТО ДРВО

Откако си заминал од Палестина,
сакал да го најде во овие земји ананасовото дрво,
си замислувал дрво со густо лисје,
налик на тоа што го ставил Бог во рајот.
Ја напуштил својата земја
со надеж за некоја нова
ама не го нашол очекуваното.
Во песнава, дедо ми,
може да собира ананаси од една крошна,
оти во песна
може да пораснат и дрвја што не постојат,
илјадагодишни овошки, па дури и родната земја.
Сепак, мора да сум упорен.
(Тоа што сакам овде да фати корен
не е дрво, ами надежта
дека сè уште постои место
каде што виреат ананасови дрвја).

Превод од шпански јазик Никола Ѓелинчески