Шејмас Хини – Копање

Меѓу показалецот и палецот
пенкалово ми лежи; револвер запнат.
Под прозорецот, јасен остер чкртеж,
тоа дурија тоне во песочникот:
татко ми, копа. Поглед фрлам
Врз грбот напнат сред цветните леи
што ниско се свива, па се крева пред дваесет лета,
чекори во ритам сред компиров насад
и со дуријата копа.
Грубата чизма врз ушето легната, рачката
меѓу коленици стегната цврсто.
Бусени корне, врвот светол длабоко тоне
да раскопа млади компири што ги збиравме
замаени од ладната облост во нашите дланки.
Боже мој, стариот со дурија беше вешт.
Исто како и стариот негов.
Дедо ми вадеше повеќе тресет дневно
од кого и да е во Тонеровата јама.
Еднаш му однесов шише млеко
несмасно затворено со хартиен чеп. Се исправи
да пие, па веднаш назад се сведна
да парчи и реско да сече, грутки преку рамо
да фрла, удолу да рие
во потрага по добар тресет. Да копа.
Студен мирис на компири, џвркот и плускот
во ѓолот тресетен, рез точен на сечило
низ корењето живо во умов ми се буди.
Но немам дурија мажиштата вакви да ги следам.
Меѓи показалецот и палецот
пенкалово ми лежи.
Со него ќе копам.

прев.Зоран Анчевски