Шејмас Хини – Светот познат

Нема проблем! Врисна македонскиот
Такси-возач и таксито врисна науште
Еден неограден свиок од преминот,
Па потем забрза.
Берија! Берија! Берија
Врискаше Владимир Чупески, секојпат
Штом ќе смачкаше чаша водка и ќе си туреше друга
За време тие денови и ноќи од ‘78
Кога одвај се трезневме на поетскиот
Фестивал во Струга.
Рафаел Алберти
Беше почестениот, а Кај Вестербург,
Како фински Хамлет во црн сомот,
Се потеше од принцип (или тоа ми беше сал
Проекција на упорноста да носам твид од север?).
Таму беа и: Ханс Магнус Енценсбергер.
Неочекуван. Стокмен во панама-шапка,
Натакната врз еден спортски крем костум. Но
Баш му е гајле.
И еден гаталец Данец
Од авангардата, кој ѕирка кон една проѕирка
Од сводот, со око бистро како водата и дното корално
Од Охридското Езеро. Најпрвин ми се обрна со:
Зар ова не си ти, овие мозаици и мадони?
Ти си југ. Твоите мочуришта се летни.

Во Белград си го најдов својот запад-на-исток.
Мојата ирска меланхолија во препродавачки дуќани
И мали излози. Бајат леб, конзерви грашок,
А и ирски провинциски старци по улиците.
Црни шалови, прав од, око на штрек, броеници.
Па видов мажи во фесови и го напуштив светот познат
На краткотрајното и слатко калиште од кафе.

На мирниот центар од сите четири страни
Ни висеше од кујнскиот плафон лента леплива за муви.
Меден траг и смртен трап, јачменов сладест свиок
Од ситост и гнаса…
Во некоја година од педесеттите
На железни печки и слични предмети на право место,
И шир летните патишта.
А сега бегалците
Идат натоварени на тракторски блатобрани
И селски коли, на приколки, притурки, рачни
И детски колички, врз бастуни, патерици и раменици,
И пак го гледам тој свиток, како сируп на Стикс,
Стар златен синџир што го држи светот да не падне
Во облакот-вриеж од леќите на некоја камера.
Зар не бевме создадени за лето, сенка и ладовина
Да сме загледани низ вратата отворена во залезот?
По рајот загубен? Зар тоа беше на што ме учеа?

Тоа старо чувство на трагедија што продолжува
Неразбрана, на самиот раб од она
Што е обично, не ме напушти никогаш ниеднаш…
Жал ми е што тогаш не ја знаев (заради Кај)
Алегоријата на Хиго Зимберг за Финска,
Онаа во која двајца селски момоци го носат
Ранетиот ангел преку некое отворено поле:
Мочуриште, светилник на устие и брег далечен
Со фабрички оџаци. Триесеттите ли години
социјалистички
Или само шкрилци, згура и глибземја од некоја повреда?
На прва причесна ангелот со големи бели крилја
И бел завој околу челото, со бели цвеќиња во рака,
Се држи исправено врз носилка привремена
Меѓу момчакот број еден од округла мека шапка
И момчакот број два во кожен елек
И гумени чизми можеби од татка си.
Алегорија, велам, но кој е тој што би знаел
Да ја чита жалта исправно, или воопшто?

Отворена врата, прозорски рамки, изабено седло
И стварен гранит на плочата од прагот.
Влегува еден друг ангел, здрав како и секогаш,
И минува крај секој праг нашлакан со српска куќа

Како вистинското нешто влегува во измисленото?
Прашајте ме нешто полесно.
Но толку барем знам:
Таксистот, и покрај сета брзина, задоцни
За поетското читање што требаше да го дадеме
Во некоја фабрика цемент негде во планините.
Па така течниот ручек со другарите директори
Заврши со дремка и замелушени будења
Токму пред зајдисонце. Потем, како што ми кажува
Бележникот: Луѓе во движење, поле полно народ.
Коњи товарни со кошови, угоре туркаат цели
Семејства, бескрајна врвулица од ходочасници.
Денеска е работнички празник во сеќавање
На Генералниот Штрајк. А исто и православна
Богородица.
Следевме некоја суводолица,
Ѕвекот од камења, потулен од толпата мрморечка
На стемнување. Минавме еден благословувач со вода
На својата карпа скраја, Ел Греко – испиен и опојасен
(Маѓесник, рече Владимир), што мафташе со крстот
Над лимени кутии и лончиња подигнати
Потем на сртот планински, вон една црква,
Се носеа икони, свеќи запалени, цвеќиња
И босилок во изобилие, нешто како миса
Се служеше и славеше зад иконостасот,
Се нишаше и одеше кадилница низ толпата.
Сум бил таму и порано, го знаев ова, но уште
Ме следеше тоа како дух и сон неодгатнат.
Распродажба на свети предмети. Малите групи
Што пешачеле цел ден се собираа во кругови,
Допуштајќи си да вкусат сопствен леб и маслинки.

Додека внатрешноста од Боингот се тресеше, а ние
Полетувавме во чистите ведрина и протоколите
Од Воздушната Прометна Контрола, во служба на
Луфтханза,
Си го задржав појасот врзан како што ми рекоа.
Запалив цигара во минута штом згасна знакот Но Смокинг
И си го зедов долгот кога се послужуваше вино
Со лесно кимање на главата со слушалки на ушите.
Нема проблема. Ја. Сите системи служат.

Мај 1998
Шејмас Хини