Шудип Сен – КИНТСУКУРОИ *

Пукнатата чинија што се канам да ја поправам секој ден
седи клошната од мојата скришна стравопочит кон коскен порцелан
и неговата приказна за некршливост.
 
Имаше посреќни времиња кога стоеше совршена
во својата форма, порцеланот – тил извајан со набори
елегантен како лебедов врат.
 
Ја најдов во еден куп прекрасна керамика,
една меѓу многуте, што создателката грижно ја затворила
во тропското студио на кровот.
 
Мене ми беше нова и откако не сакајќи
ми се лизна од рацете дури се обидував да ја забришам
прашината на Делхи
 
што ни се беше залепила како камилско-кафен филм,
како наивна прашина –  проѕирна и лажлива
како шминка.
 
 
Има сцени што ги сликав на нејзината млечно-бела кожа,
зборови што ги пишував, линии што ги врежував, фрагменти песни
оставени недовршени, хиероглифски
 
шифрирани тајни
кои само јас ги знаев и разбирав,
непробојни за око на озборувач и јазик на завидливец.
 
Денес, ќе извадам Супер-лепак
и ќе пробам да направам поправки.
Може ќе се потрошам
 
на скап метал –
сребро или дури злато, да ги затворам пукнатините и да ги пополнам
со стопен зацел.
 
Помазанието од злато,
спомени, љубов и желност,
е подобро од совршеноста
 
на нејзината претходна форма. Нескршена, прибрана  ко што беше,
неповредена љубов не мора да е почиста
од љубовта што е ранета.
 
Кинтсукурои – подарок што ми е даден.
Мојата чинија заслужува допир на лак од сребро
и најчисто ретко злато.
 
*Кинтсукурои – „поправа со злато“; уметност на поправање керамика со златен или сребрен лак и уверување дека предметот е поубав откако се скршил.
 
 
Превод: Ана Топенчарова

mk_MKMK