Татев Чакијан – ЕРМЕНИЈА, СЕЛА ПО ПАТОТ

Само одминете ги.
Не прашувајте ги ништо луѓето поседнати крај ѕидовите,
не зјапајте во брчките на жените,
не чекајте мажите да се вратат дома,
не наведнувајте се над колевките,
не давајте очите да ви се насолзат,
не мавтајте за пријатно,
не насмевнувајте се.
Без да фотографирате,
без да напишете песни за нив,
влезете си во туристичкиот автобус,
притиснете го челото на студениот прозорец
залажувајќи се дека ништо не сте виделе,
дека никогаш не ќе се сеќавате
и навистина – не сеќавајте се!
Никогаш!
Немој некогаш да сте се сетиле!

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески