Татев Чакијан – MY COMFORT ZONE*

Знам шест јазици –
сите до еден несовршено.
Тоа значи дека измислувам половина од разговорите,
смислувам половина од тоа што го читам,
и овој бесконечен монолог е гаранција за мојата среќа:
било која книга може да заврши како што сакам.
Преведувањето неразбрани песни
ми го допира нежното меко непце
како гостопримството на гостилничар.
Сообраќајните знаци на странски јазици
ми ја заштитуваат слободата на движење,
но уште почесто ми даваат право да се загубам.
Секогаш имам привилегија нечујно да се согласам и да се насмевнам.
Секогаш имам избор да не разберам, а да продолжам да се смеам.
Незнаењето не е олеснувачки фактор,
но кога веќе знам само шест јазици,
сите до еден несовршено –
секогаш ја имам предноста
да ги олеснам факторите.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески

* Мојата зона на удобност (Заб. на прев.)