Татев Чакијан – НАПИШЕТЕ ПЕСНА

Ако ви е државата каменеста и сушна,
напишете си песна за да живеете помеко.
Нашиот претседател кој, колку што знам, е филолог,
пишува песни за осаменост и тага на опачината од договори
и пишува за својата оставка во мигови на очај…
Опозицијата римувано преколнува,
а ние ритмично скандираме
Министерот за одбрана ѝ ги посветува песните на војната
за срцето на бесниот сосед да омекне
а топовските ѓулиња да паднат нечујно.
Гувернерот на Централната банка чита стих за Кризата,
а новинарот пишува катрен за последните несреќи
а посебно за самоубијци
кои оставале песни во своите џебови.
Бездомниците легнати под отворено небо
им посветуваат акростих на студот и гладта…
Кога ќе стане животот претежок
поделете
го
во
стихови
за полесно да се проживее.
Покрај тоа,
ако не можете да најдете начин да зборувате за геноцид,
за татковината што веќе одамна ја нема и непријателот
напишете песна веднаш
за учебниците по историја полесно да се разбираат.
Веројатно нема потреба да се каже –
ако државата ви е каменеста и глинеста
прошепотете песна додека ги закопувате умрените
за да им е лесна земја.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески