Татев Чакијан – САБОТА НАВЕЧЕР

Драг месијо
помести го твоето доаѓање за еден ден
оти утре е недела
а јас морам да спијам
Драг Господе
смири ги вулканите
земјотресите
поплавите
и другите бучни игри
и одложи ги твоите планови за Судниот ден за еден ден
Господине градоначалник
прекини ги градбите
забрани го сообраќајот
пропиши тишина
за мој атер
Хамас нека не фрла бомби
и Алиев нека не пука кон Артсакх барем утре
и драги Ал Каеда
завршете го вашиот арапско-израелски конфликт
а вие големи и мали сили
склучете примирје вечерва
оти утре е недела
а јас морам да спијам
Ве молам затворете ја Токиската берза
и пикнете голем камен во нафтоводот Баку-Џејхан
заклучете го погонот на БМВ однадвор
Драги телевизии
најавете ден за прекин на програмата
и вечерва Боливуд нека снима само соништа
Драги револуционери
анти-револуционери
левичари, десничари и неопределени,
заминете си од плоштадот и молчете
и-де-о-лош-ки
Драги верници
љубете го ближниот свој барем денес
кога доаѓам со Хипнос и ве замолувам
да молчите
И само на еден ден
избришете ми го името од списокот на луѓе
списокот на побожни
списокот на кучиња лангачи
списокот на Ное
списокот на минати и идни престапници
списокот на поети
списокот на негативци
на политички затвореници
на доброволци
на безволни
на бескорисни
на љубовници
на маченици
на смртници
оти утре е недела
а јас морам да спијам
Најпосле
испратете му црна вест на моето семејство
црна ко заборавен сон
и запишете ме како отсутна од Земјата
оти веќе е Сабота
на полноќ
стојам на работ на денот
и се фрлам надолу.
Добра ноќ!

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески