Томас Венцлова – * *

таму во огнот таму во огнот таму во огнот таму во огнот таму во огнот
кај што пространството се крие и на часот му се клања
прецртај ја мојата душа и не-јас од мене да си оди
за вознесеното ништо што неземскиот мир го вкуси
да стане искра, линија, јазол во огнот
таму во водата таму во водата таму во водата таму во водата таму во водата
под куполата полна ехо и лед
и денес ме чуваш и ме раздаваш сегде,
за да не се вратам дома, не запознавај ме, не гледај во лицето мое
онаму, кај што осум мостови ја дупчат студената вода
под земја под земја под земја под земја под земја
кај што каменот распаѓа и безгласниот поток не останува сам
кај што зимата зрее и зеленилото ја губи својата боја
телото се повлекува во прав правот во никогаш се повлекува
и од никогаш во никогаш празнотијата тече под земја
в темнина в темнина в темнина в темнина в темнина
нашиот воздух сè повеќе се ретчи и нашата материја прска
сè е подготвено за смртта кога ќе расцветаат слоговите
и ќе поцрнат буквите врежани на хартија што ја нема
овде во оваа темнина овде во ова слепило
 
Превод: Дарко Спасов

mk_MKMK