Томас Венцлова – A VALEDICTION, FORBIDDING MOURNING

Собата од утрово е полна со јасмин и прав.
Конкавниот прозорец како екран е одделен од матниот
канал. Се гледаат грбовите на случајните минувачи, со вар
избелената врата, долгунестиот ромб на тополата,
понекогаш твојата наметка за дожд. Мода, заборавена поради затоплувањето.
Секогаш кога доцнеше јас го губев гласот.
Се разделивме како знаеме и умееме – уште четири години
не поминале од нашата прва средба.
Не како Тристан што бара едро, туку како ѕвездоглед,
кој навечер среде ридови го стега двогледот,
така јас среде распаќе ја гледав жолтата куќа со саѓи
и неколку години подоцна витката става додека се приближува.
Сите тие дворишта се срушени. Останаа само телескопите
и каналот. Кога сум овде (на пат од една станица до друга),
низ стаклото, длабоко во внатрешноста гледам мртви,
а сеедно не можам да се надевам дека ќе те видам и тебе,
но и немам некоја претерана желба за тоа. Освен кога ќе престанам да се тресам
и кога чувствувам притисок во аортата. Но тоа не трае долго.
Како демонска планета на орбитален пат се разминуваме еден со друг
и само во морскиот прилив се одразува едвај забележителната привлечност.
Поет би рекол да остане само мисловен престап.
Зборовите кои порано беа толку блиску, се враќаат во празнина.
Од стихот се отчепува стих, од строфа – строфа, иако
штурата деклинација би го здружила она што римата го разделила.
2003
 
Превод: Дарко Спасов

mk_MKMK