Влези во овој пејзаж. Уште е темно.
До врвот полн со гласови, иако невидлив
континентот се бори со морето.
Отаде дините се виткаат празни патишта.
Случаен минувач или можеби ангел некој, во снегот,
втиснал бегло подзабришана дира,
а темната површина и отсјајот на морскиот брег
потсетуваат на матниот Антарктик.
Се пени незамрзнатата бездна.
Се тркалаат зрнцата песок.
Пристаништето се покажува, и повторно губи,
и го шири грубото пространство на зимата.
Нема ни писма ни телеграми,
само фотографии. Радиото е безгласно.
Восочната свеќа врело капнува и
чиниш така го запечатува лошиот час.
Колку само влажен воздух, колку само бучава.
Времето пред мугри е како семоќен рендген!
Ќе се втренчиш и сѐ станува проѕирно:
и човековото тело и камбанариите и ѕидовите.
На белината искокнуваат единствено маглените
силуети на дрвјата. Низ деблата, преку кората,
дури и со затворени очи може да се видат
и најтесните, последни годови.
„Оваа навика ги изморува очите,
и сал миг после тоа може да се згреши патот.“
„Но, пророштвото не зборува за нас.“
Покриена со иње оската се склонува,
како што може да се види, таму, на работ на видикот,
кај што темнеат лаѓите и ледениот глас,
а на недопреното небо над морето
пламтат Јупитер и Марс.
До Атлантикот се шири празнина.
Ширум отворена сала – голи полиња.
Пластот од јануари февруари ќе го покрие,
висорамнината се стуткала пред мокриот ветер.
Една соспа пропаѓа во ров,
се топи и темнее. Наѕираат ритчиња
отаде лагуните. „И што има таму?“
„Повторно устија од реки, заливи со пристаништа.“
Под мрежата од облаци на тешката пеза
тесните плоштади светкаат како риби.
„Се сеќаваш што рекоа ѕвездите?“
„Овој век без знаци минува,
доволна ни е статистиката.“ „Гравитацијата на смртта,
човекот, билјето, и сека ствар ги влече,
па сепак си ’рти зрното, си ’рти житото и според тоа
мислам дека не дошол крај на светот.“
„И каде е сведокот? Не можам да разберам,
што ги одделува вистината и привидот:
можеби сме ние двајцата последните на овој свет.“
„Но мене ми се чини, дека си само ти.“
„А третиот соговорник? Велиш,
никој не ги слуша нашите зборови?“
„Еве, небото е тука, и снегот по полињата,
а гласот, тој понекогаш го надживува срцето.“
Со попладнето потемнуваат дрвјата.
Кога сосема ќе се изјасни, свеста го задржува
она што од ништо се создало сал миг пред тоа –
неважните нешта наместо зборови:
скршено парче мраз, скелет од гранки,
излупен ѕид од уличен агол…
Потоа – тишина на оваа
страна на морето, на онаа страна на морето