Томаж Шаламун – Црвени цвеќа

црвени цвеќа растат во небесата, во градината сенка
светлината продира од секаде, сонцето не се гледа
не знам од каде оваа сенка во градината, во тревата роса
наоколу големи бели камења на кои може да се седи
ридиштата околу нас се исти како на земјата
само што се пониски и изгледаат потполно меки
мислам дека и ние сме толку лесни што одвај го допираме тлото
кога одам црвените цвеќа чинам се потргнуваат на страна
ми се чини дека воздухот мириса, ужасно ладен и горешт
гледам дека пристигаат нови суштества
како некоја невидлива рака да ги положува во тревата
сите се убави и мирни и сите сме заедно
некои што пливаат наваму воздухот ги врти и ги кине
исчезнуваат во јачење и не ги гледаме повеќе
ми се чини дека моето тело е во вжарен тунел
дека расте како тесто и потоа се распрснува во ѕвездите
овде во небесата нема секс не чувствувам раце
но сите нешта и битија се сплотени меѓу себе
и се лизгаат секој на своја страна за да се спојат подобро
боите испаруваат и гласовите се како меки грутчиња врз очите
сега знам дека порано сум бил петел, а понекогаш и срна
дека сум имал куршуми во телото што сега се ситнат
колку ли убаво дишам
имам чувство дека пегла ме пегла и дека ништо не ме пече.