Томица Бајсиќ – ПУСТИНИКОТ КОГО ГО ПОЗНАВАВ

Полскиот скулптор го смени лицето.
Ги тргна од прстите отпечатоците кои би можеле да го издадат.
Варшава? Само еднаш прати поштенска картичка со
Слика на крстот на Кабрал од брегот на Баија.
„Птиците ги јадат црвите”, пишуваше. „Црвите ги јадат луѓето.
Го слушам дождот како паѓа.”
Пресече парче шума и брег и пушти пет мазни,
крволочни пци да циркулираат долж жицата, по цели
Дни и ноќи.
Направи куќа високо над земја во глуждот на дрвото,
За сонот да му биде сигурен од натрапници.
 
Секое утро со дурбин ги демне наносите кои ги носи морето.
 
Изгради хангари низ кои провевот ги ниша најлонските завеси.
Во нив го суши дрвото и изработува високи испреплетени скулптури.
Предметите што ќе ги спои не можат да се растопат.
Негови алати се огнот, моторната пила и секирата.
Полјакот јаде бобинки кои растат во неговата шума.
Штом ќе се измори тој за себе во стеблото си длаби седиште длабоко и
комплексно налик на индијански престол.
Педесет години.
Ако му кажеш: „фрижидер!” неговото сјајно око
За миг ќе затрепери.
Па сепак, не може да се види Полска освен во тврдата структура
на неговите веѓи.
 
Превод: Никола Кукунеш