Вера Чејковска – Фуга


посакувам пред да заврши една мера на висината,
кристално прозрачна и складно ѕвонлива, да започне
друга, иста, кристално прозрачна и складно ѕвонлива,
пред да заврши втората – да започне трета, иста,
кристално прозрачна и ѕвонлива, и сè така натаму,
да се навестува бесконечност и да се слуша фуга,
да се извива фуга, да се распламтува мелодија
во својата упорност да ги придружува висините
бесконечно, да обзнани бесконечно време, време
во неменлив такт, неменливи тактови во сите правци,
од кои и јас би пламнала, во јазици кон висините,
наспроти
оваа тешка мелодија развлечена по подот,
составена од слични и слабо поврзани теми
што избиваат од сите агли на мојот дом,
кој и не е дом, туку начин на присилено останување
таму каде веќе не се останува
и нема место за криење на немоста која почнува
да ме опседнува, бидејќи црните прозорци
што ги одбегнувам се длабоки присуства на светови
кои живеат по своја волја и разбиваат сè, па и моите
обиди за недопирлива бесконечност
и бесконечна недопирливост
: кругови и еха на немоќ