Виолета Танчева – Златева – ПРАВ

Не ми треба многу кога на друго место преспивам
Само здрав покрив над главата
и чиста постела врз рамен душек
Секако, и вода
Дома сум попребирлива
На таванот се излупила варта
колку врвот на малото нокте
Чаршафот не е убаво оптегнат од десната страна
или не е свежо истресен од ноќните кошмари
а меѓу плочките во бањата
ѕирнало окце црнило…
Господи
за какви сè работи ја трошиме енергијата
што штедро си ни ја дарил за разумна употреба
Ја растураме на бесполезни дреболии
заборавајќи на поважните работи
и си ги абиме снагите низ годините
во залудна борба со правта
Како да сакаме да заборавиме
дека на крајот само правта останува