Владимир Левчев – ЉУБОВ НА ПЛОШТАДОТ

Како мал сонував
чекорам по улиците и гледам,
од половината надолу сум гол.
Минувачите
ме стрелаат со поглед
и умирам од срам…
Или помнам,
сум задоцнил на училиште
ден… година… многу години,
и не ќе го завршам.
Или на плоштадот
ме гони Злото,
нозете ми смекнуваат,
се плазат како мојот јазик,
ме предаваат…
Понекогаш и
убаво сонувам:
гол сум на плоштадот – со раката
мавтам и камен
ми паѓа од срцето – заграбувам
воздух со рацете и пливам
градно – забавено – забавено
се извишувам
над минувачите и цветните леи –
ги сакам! –
со мајскиот ветер летам
гол и слободен
како галеб или буревесник –
гол и слободен
како душата по смртта.

Превод од бугарски јазик Славе Ѓорѓо Димоски