Награда „Златен венец“
Наградата „Златен венец“ е една од најзначајните интернационални награди за поезија во светот.

Наградата „Златен венец“ е востановена во 1966 година. Oд таа година до 1971 година се доделува за најдобра необјавена песна прочитана на фестивалот. Од 1971 година „Златен венец“ се доделува за целокупен поетски опус.
Златниот венец претставува уникатна рачна изработка. Нацртот на Златниот венец го изработил македонскиот сликар и графичар Димче Протуѓер кој тогаш бил член на советот на фестивалот.
Меѓународното признание, наградата „Златен венец“ се доделува на меѓународниот поетски митинг Мостови на истекот на реката Црн Дрим пред повеќеилјадна публика. „Струшките вечери на поезијата“ секоја година издаваат репрезентативнa книгa поезија од добитникот на наградата „Златен венец“ во оригинал и во препев на македонски јазик.
Извадоци од книгата „Поетска престолнина во светот“ од Гоце Ристовски
Наградени Поети

Керол Ен Дафи
Керол Ен Дафи (родена во Глазгов, 1955 год, во семејство со ирски корени) се вбројува меѓу најпознатите поетски имиња во Велика Британија. Покрај тоа што е високо вреднувана и ценета во академските кругови, таа е омилена и кај пошироката публика. Важен детал, во прилог на тоа е констатацијата дека нејзината поезија е веќе вклучена како задолжителна лектира во националните курикулуми на универзитетите, но и на училиштата.
Уште со првата, провокативно насловена книга “Standing Female Nude” (Стоејќи, жена, гола) (објавена во средината на 80-тите години), Керол Ен Дафи успеа да стекне широк круг читатели, но и неспорна поддршка од книжевната критика, што во неа инстантно препозна „расен, нов глас во поезијата“. Почнувајќи од таа дебитантска книга натаму, речиси секоја од следните поетски објави на Дафи беше наградена со најзначајните национални и меѓународни признанија (вклучително, престижната награда „Т.С. Елиот“, што таа ја добива за збирката Вознесение (2005) , како прва жена во историјата на доделување на оваа награда, потем, наградите „Дилан Томас“, „Сомерсет Мом“, „Харолд Пинтер“ и други), што убедливо сведочи за недвосмислената репутација на нејзината поезија во редовите на пребирливата критичка јавност.
За првпат во 400 години долгата традиција на ова признание, во 2009 год, Дафи беше избрана и како жена Poet Laureat на Обединетото кралство.
Автор е на близу 50 книги, од кои најнови се: Искреност (2019), Панаѓур на студот (2019)
Освен што е добитничка на значајни меѓународни книжевни награди, Керол Ен Дафи е носител на високи одликувања од кои највисокото е почесната титула „Дама-заповедник на Редот на Британската Империја“, што го добива во 2015 г.

Амир Ор
Амир Ор, роден во Тел Авив во 1956, е автор на десет книги поезија. Најновите книги објавени на хебрејски му се Музејот на времето (2007), Ѕверско срце (2010) и Пророштвата на лудакот (2012). Неговите песни, преведени на повеќе од четириесет јазици, се објавени во антологии, списанија за поезија, како и во дванаесет книги во Европа и САД. Меѓу нив се и Песна и Ден (обете објавени кај Дедалус во ОК, во 2004 односно во 2006 г.); Плочи од музејот на времето (АртАарк, САД, 2009); и изборот на шпански и англиски Чудо/Часови (Урпи, САД, 2011). Ор е добитник на израелски и меѓународни поетски награди, меѓу кои се и Бернштајовата награда, Фулбрајтова награда за писатели, Премиерската поетска награда Леви Ешкол… Добитник е и на неколку поетски стипендии, меѓу кои и кај Универзитетот на Ајова, Центарот за еврејски-хебрејски студии на универзитетот во Оксфорд, Литературниот колоквиум во Берлин, Фондацијата Хајнрих Бел во Ирска, и во замокот Хауторден во Шкотска. Добитник на златниот венец на поезијата за 2020
Песна:Орлова песна
Песна:Јазикот вели

Ана Бландијана
Ана Бландијана, родена во 1942 година во Темишвар, поет, есеист и прозаист, граѓански десничар и речиси легендарен лик во романската култура. Таа е автор на осумнаесет книги поезија, две збирки раскази, седум книги есеи и еден роман, што се преведени на дваесет и шест јазици и групирани во осумдесет книги поезија и проза до денес. Бландијана беше коосновач и претседател на Граѓанската алијанса од 1990 година, независна, неполитичка организација која се бореше за слобода и демократски промени. Исто така, таа повторно го основа и стана претседател на романскиот ПЕН клуб во 1990 година. Под покровителство на Европската заедница, таа го создаде Меморијалот за жртвите на комунизмот (1993), одликуван со етикетата за Европско наследство. Во знак на признание за нејзиниот придонес во европската култура и нејзината храбра борба за човекови права, на Бландијана и е доделено највисокото одликување на Француската Република, Légion d’Honneur („Легија на честа“) (2009) додека американскиот Стејт департмент ја одликуваше со наградата Romanian Women of Courage Award („Храбри Романки“) (2014). Таа има четири титули „почесен доктор“. Меѓу бројните меѓународни награди за литература, Бландијана е сè уште најмладиот добитник на наградата Herder Prize („Хердер“) (Виена, 1982), а ги доби и European Poet of Freedom Prize („Европската награда за поет на слободата“) (Гдањск, 2016) и The Griffin Trust for Excellence in Poetry (Награда од Фондот „Грифин“ за извонредни достигнувања во поезијата) (Торонто, 2017).
Песна:ВРАЌАЊЕ

Адам Загајевски
Роден во 1945 година во Лавов (денешна Украина). Пораснал во Гливице, Полска. Во 1963 година се сели во Краков каде студирал на Универзитетот Јагелонија. Во доцните седумдесетти бил активен дисидент и член на опозициското книжевно движење. о 1979 година му била понудена стипендија од меѓународната „Кунстлерпрограм“ и престојувал две години во западен Берлин. Од крајот на 1982 година живеел во Париз. Во 2002 година се враќа во Краков, каде живее и денес. Во Париз бил член на уредничкиот одбор на книжевното списание во прогон „Зесити Литерацки“. Во пролетта 1988 година започнува да предава еден семестар годишно на Програмата за креативно пишување при Универзитетот во Хјустон. Во 2007 станува член на Комитетот за социјална мисла на Универзитетот во Чикаго каде предавал книжевност дел од годината се до 2013 година. Добитник на бројни книжевни награди; покрај другите, добитник на меѓународната книжевна награда „Нојштад“ во 2004 година, меѓународната поетска награда „Жонкунг“ (Пекинг, 2013), наградата „Принцес оф Астуриас“ за книжевност во 2017 година.
Лирска библиографија: Известување (1972); Месарници (1975); Писмо. Ода на мноштвото (1982); Да се патува за Лавов (1985); Платно (1990); Огнена земја (1994); Копнеж (1999); Враќање (2003); Антени (2005); Невидлива рака (2009); Асиметрија (2014).
Проза – Есеи: Не-претставениот свет (коавтор: Јулиан Корнхаузер) (1974); Втора издишка (1978); Солидарност и самотија (1986); Два града (1991); Во туѓата убавина (1998); Одбрана на занесот (2002); Поетот разговара со филозофот (2007); Благо претерување (2011); Поезија за почетници (2017).
Песна:ПРЕДМЕТ: БРОДСКИ
Песна:ЗА МОЈАТА МАЈКА
Песна:ВО ТУЃАТА УБАВИНА

Чарлс Симиќ
Чарлс Симиќ е роден на 9 мај 1938 година во Белград, Југославија. Во 1954 година неговото семејство емигрира во САД. Чарлс Симиќ е еден од најисклучителните поети на денешнината. Симиќ за своето дело е добитник на бројни книжевни награди, меѓу кои и Пулицеровата награда во 1990 година, меѓународната награда „Грифин“ за поезија, медалот „Роберт Фрост“, наградата „Збигњев Херберт“, наградата „Валас Стивенс“, а бил назначен како Poeta Laureatus на САД. Неговотот поетско творештво го сочинуваат книгите: Што кажува тревата (1967); Некаде меѓу нас каменот фаќа белешки (1969); Разградување на тишината (1971); Бело (1972); Враќање на место осветлено од чаша млеко (1974); Биографија и тажаленка (1976); Харонова космологија (1977); Класични игри од балската сала (l980); Острини (1982); Временска прогноза за градот Утопија и околината (1983); Избрани песни 1963-1983 (1985), Бескрајна тага (1986), Светот не завршува (1989) Книга на богови и ѓаволи (1990); Хотел Несоница (1992); Свадба в пекол(1994); Застрашувачки играчки (1995); Прошетка со црната мачка (1996); Си ја барам бељата (1997); Jackstraws (Игра со чкорчиња) (l999); Избрани рани песни (1999); Ноќен излет (2001); Глас во 3 часот наутро: Избрани подоцнежни и нови песни (2003); Избрани песни 1963-2003 (2004); Тетка Марула сакам да ти ѕирнам под здолништето (2005); Мојата нема придружба (2005); Тоа мало нешто (2008); Шеесет песни (2008); Мајстор за преправање (2010), Избрани и нови песни 1962-2012 (2013); Лудак (2015), Чкртки во мракот (2017). Симиќ исто така објавил бројни преводи од француската, српската, хрватската, македонската и словенечката поезија, а автор е не неколку книги есеи.
Песна:ВО ВРЕМЕТО НА БАБА МИ

Маргарет Атвуд
Маргарет Елинор Атвуд е родена во 1939 година во Отава. Автор на повеќе од
четириесет книги поезија, проза, детска литература, раскази и стручна литература.
Додека студирала во Бостон ја објавила првата збирка поезија Кружната
игра (1966) за која ја добива угледната награда за поезија на канадскиот Гувернер, а
со меѓународен углед се здобива со објавувањето на збирката Двојна Персефона. Во
следните неколку години наизменично пишува поезија и проза. Во нејзината поезија,
најчеста тема е односот на цивилизацијата и дивината и смета дека овие спротивности се
едни од најважните принципи во канадската литература. Има објавено преку петнаесет
збирки поезија кои се преведени на многу јазици и објавени во повеќе од дваесет и пет
земји.
Нејзиното поетско творештво ги вклучува: Кружната игра (1964); Животните
во таа земја (1969); Дневниците на Сузана Муди (1970); Постапки од подземјето (1970);
Политики на моќ (1971); Ти си среќен (1974); Избрани песни (1976); Избрани песни (1965-1975);
Двоглави песни (1978); Црна луна (1984); Избрани песни (1966-1984); Маргарет Атвуд Песни
(1976-1986); Утро во изгорена куќа (1995); Голтање оган: Одбрана поезија (1965-1995); Врата
(2007).
Поема 𝄞:ПОЕТОТ СЕ ВРАТИ…
Поема 𝄞:МИГОТ
Поема 𝄞:ЈАДЕЊЕ ЗМИЈА
Поема 𝄞:БАБАРИ
Поема 𝄞:СОН 1: ШУМСКАТА ГРАДИНА

Беи Дао
Беи Дао е наjистакнатиот кинески поет од својата генерација, еден од главните писатели на модерна Кина. Се родил под името Жао Женкаи на 2 август 1949 во Пекинг, а неговиот псевдоним Бео Дао буквално значи „Северен остров“. Тој му беше предложен од страна на пријател за да упатува на потеклото на поетот од северна Кина како и на неговата карактеристична осаменост. Беи Дао стана еден од најважните поети на Загадочната школа, група на кинески поети кои реагирале против ограничувањата на културната револуција. Во 1978 Беи Дао и еден колега Манг Ке основале тајно книжевно списание Џинтијан (Денес), кое властите во 1980 година ќе забранат да се објавува. Песната „Хуида“ (Одговорот) на Беи Дао се зема како пркосна химна на продемократското движење и се појави на постери во текот на протестите и масакрот на плоштадот Тијананмен во 1989 година. Во текот на движењето на 1989 година, Беи Дао бил во Берлин како писател кој таму престојувал и кому не му било дозволено да се врати во Кина. Тој ќе ги помине следните 18 години во егзил, живеејќи во 8 различни земји. Се враќа во Кина во 2006 година, каде работи како универзитетски професор. Стихозбирките на Беи Дао се: Отклучување (2000 година), На работ на небото: Песни 1991-1996 (1996 година), Пејзаж над нулата (1995 година), Форми на оддалеченост (1994 година), Стар снег (1991 година) и Августовски месечар (1988 година). Тој е исто така автор на збирката куси раскази Бранови (1985 година) и две книги есеи, Сина куќа (2000 година) и Полноќна порта (2005 година), Неговото дело е преведено на повеќе од 30 јазици. Наградите и честа на Беи Дао ги вклучуваат наградата за поезија Арагана од Меѓународниот фестивал за поезија во Казабланка, наградата ПЕН / наградата Барбара Голдсмит – Слобода на пишувањето, и наградата Асоцијација Гугенхајм. Неколку пати бил кандидиран за Нобелова награда за книжевност и бил избран за почесен член на Американската академија на уметностите и книжевноста. На барање на палестинскиот поет Махмуд Дарвиш, тој отпатувал во Палестина како дел од делегацијата на Меѓународниот парламент на писатели. Она што веднаш секој читател на поезијата на Беи Дао ќе заклучи е дека таа опчинува со поетските слики, со метафори кои го окупираат вниманието и предизвикуваат на размислување околу значењета. Во таа жива интеракција на читањето, херметичниот глас на песната расцветува во една особена поетска сензибилност. Не се тоа само некакви опскурни метафори со усилен јазик, туку комплексни поетски слики со внатрешна логика и емотивност кои не овозможуваат лесен приод и толкувачка сигурност. Уникатната загадочна метафорика и елиптичка синтакса претставуваат комплексен внатрешен одговор на непријателскиот надворешен свет. Но кој е патот на поетот до овој негов загадочен стил и да се развие во зрел медитативен поетски глас кој станува еден интернационално најпознатите од кинеската литература. Трагањето на кинеските поети од седумдесетите по нова, автентична поетика, води преку експериментирање со „слободниот стих“ на херметичен јазик кој се карактеризира со индиректна метафорика поврзана со сонот и елиптична синтакса. Тие развиваат јазичен стил во кој темата, граматичкото време и број се неразбирливи и преминот е нејасен, и затоа е наречена школа на „загадочна поезија“. Тој нов став и приод, слободно може да се каже дека е средишно поетичко место на сите припадници на т.н. поетска школа на „загадочна поезија“, и ќе отвори нови простори и можности за модерниот кинески јазик. Беи Дао, Дуо Дуо, Гу Ченг, Хе Донг, Јанг Лиан, Ха Џин и другите од оваа група околу списанието Џинтијан направија современата кинеска поезија смело да зачекори во тие нови поетски простори. Она што го карактеризира неговото лично настојување во создавањето нов поетски јазик, е што покрај влијанието и прифаќањето сите западни исчекорувања и поетски револуции, сепак се слуша ехото, одѕвонувањето на традиционалната кинеска поезија, во оној дел на развојот на нова поетска слика. Во личниот опит на Беи Дао има по нешто и од надреалистичкото наследство, зашто заедничка им е таа потрага по нов, ослободен јазик, кој, како што вели Дијан Ли, еден од неговите најголеми проучувачи, „… не е ништо друго освен јазик на нереални слики, јазик на „тотален субјективизам“ во кој причинската врска се раскинува и детерминизмот исчезнува, отстапувајќи им пат на слободната асоцијација и отворената аналогија. Преку овој јазик, Беи Дао ја најавува својата спротивставеност на светот и неговата оддалеченост од „насилството на јазикот“ што ги воспоставува редот и стабилноста, „реалноста“ на овој свет.“ Егзилот на поетот дополнително ќе придонесе за една неизбежна промена во неговиот став кон мајчиниот јазик. „Кога пишувате на кинески, а живеете во странство, мајчиниот јазик е единствената реалност.“- вели самиот во едно интервју. Тој пат кон изнаоѓањето на неговата сопствена поетика поаѓа од свесноста дека поезијата се соочува со криза во формата, а користењето на старите техники е недоволно, при што особената употреба на метафората, симболот, синестезијата, промените во гледната точка и перспективата, испрекинатата низа на времето и просторот итн., нудат нови перспективи. Во неговата поезија тој често се обидува да ја воведе техниката на филмска монтажа и со создавање на сопоставени слики и промени во брзината, сака да ја поттикне имагинацијата на луѓето да го пополнат големиот јаз меѓу зборовите. Тежнее да ги испита можностите, способностите на поезијата, преку одбирот на зборовите и обликувањето на стиховите максимално редуцирајќи го изразот. Неговата минуциозна внимателност во обликувањето „поетскиот простор“ и продорната моќ на стиховите секогаш се истакнува најсилно во последните зборови на песната. Без сомнение, тоа настојување води во насока да се изгради своја автентична минималистичка поетика, притоа вешто избегнувајќи ги замките на маниризмот од една, и на некакво бесмислено пеење, на антипоетски експерименти од друга страна.
Песна:Ај, одиме

Адонис
Pоден е во Ал Касабин, 01. 01. 1930 г. Поет и есеист, роден е во Сирија, а подоцна станува државјанин на Либија. Тој е најголемиот современ арапски поет. Неговото творештво претставува сјајна лирска синтеза на Истокот и на Западот, еден нов литературен израз и толкување. Дела: Песни на Мијар Дамаскинецот, 1961; Книга на метаморфозите и селидбата во пределите на денот и ноќта, 1965; Театарот и огледалата, 1968; Време меѓу пеплишта и рози, 1970; Еднина во форма на множина, 1977; Книга на опкружувањето, 1985; Похота што блика во мапите на материјата, 1987; Светлосни прослави, 1988; Втора азбука, 1994. Автор е и на повеќе книги и есеи.

Ко Ун
Поет – монах до 1962, Нихилистички поет до 1972. Поет дисидент до 80тите, но после едноставно, само поет, врвен поет, водечки поет, до денес. Се разбира, единствено иднината е таа која ќе му го додели местото меѓу најголемите. Тој веќе ја носи титулата „ Национален поет на Кореја“. Но сепак, „она што е највосхитувачко во ракописите на овој поет“– потенцира Американскиот поет лауреат Роберт Хас – „ е како тој се реосмислува себе си во секоја декада од неговиот живот. Повеќето од песните кои ги пишува во најраниот период , од 1952 до 1962, додека беше монах подвигнат на екстремна зен пракса, сакаат да ја прикажат јаловата и менлива природа на животот. Во поезијата доминира болеста, психичките нарушувања, смртта, вградени во стихот со суптилна естетика и симболика. Поетот трага по смислата и преокупиран е со необјасливата кулминација на животот во услови на смрт. Стихови кои истовремено носат будистичка длабочина и човечка агонија. Во периодот од 1962 до 1972, новина во неговото творештво се чувството на природност и спонтаност. Во овој период неговиот поглед кон нештата е темен и нихилистички, полн со очај и себеотфрлање. Не е за изненадување што овој период кулминираше со речиси успешен обид за самоубиство. Во годините на социјалните немири, помеѓу 1973 и 1983, со самото интензивирање на продемократското движење, поетиката на Ко Ун добиваше нова трансформација. Таа почна да ја одразува трагичната димензија на Корејската историја, која е длабоко вградена во поетовото чувство за мизерните околности во кои се наоѓа корејскиот народ во дваесетитот век. После годините во затвор, од 1983, Ко Ун станува многу продуктивен, ќе напише многу поетски збирки, меѓу кои и неколкутомните „Десет илјади животи„ и „Планината Паекту“. Овие дела се последица на случувањата поврзани со Движењето за демократија во мај 1980, кога стотици граѓани беа убиени од корејската војска, како и поетовото апсење, затворање и соочување со смртта. Уште во воениот затовр тој отпочнува серија на наративни вињети наречени Десет илјади животи, книга која сеуште се развива, во која поетот ја претставува секоја личност која што ја запознал. „Планината Паекту“ претставува неколкутомно епско дело во кое авторот го прикажува Корејската борба за независност за време на јапонската окупација. Од тогаш поетот издава преку 40 книги. Критиката овој феномен го нарекува „голема поетска експлозија„ . Во фокусот на критиката е јазикот во двете епски книги, кого го нарекуваат „јазикот на ослободувањето“ – непосреден, но лавински силен, народски, но чист, смирен, а крцкав, сликовит и експресивен. . За „Десет илјади животи“ Роберт Хас ќе рече дека тоа е „еден од најнеобичните проекти во светската книжевност на дваесетитот век“. Подоцна за Вашингтон Пост ќе каже дека „овие песни се исклучително богати. Анегдотични, заводливи, полни со детали од човечките животи, неспоредливи со ниедна Корејска поетика што сум ја сретнал до сега.“ Огромното чувство за историја и љубовта кон својот народ и земјата го создадоа најголемиот сон на Ко Ун, да ја види обединета Кореја. Овој сон се провејува и во неговата поезија од седумдестите години. Тој ја посетува Северна Кореја и го придружува претседателот Ким на историскиот самит за обединување, и како резултат од овие посети, излегува збирката поезија „Југ и Север“ (2000). Покрај што го изразува силниот стремеж за мир во својата земја, поезијата создадена во деведесетите години, повикува на обединет и отворен свет на хармонија, слобода и љубов, свет во кој секое битие ќе живее во прегратка на сомилост. Умот на Ко Ун е секогаш во состојба на спремност, и тој признава дека има нешта за кои треба да пишува уште токлу колку што досега напишал. Во поговорот на книгата „Планината морски дијамант“ за својата креативна природа Ко Ун ќе запише: „Ако некој го отвори мојот гроб после неколку години од мојата смрт, тој ќе биде полн, но не со моите коски, туку со песните напишани во таа гробна темнина…Дали сум многу приврзан за мојата поезија? Моите песни стојат рамо до рамо со чинот на предавање на стиховите, мојата приврзаност за поезијата е поврзано со моето ослободување преку неа.“ Тој сака целиот свој живот , дури и својата смрт, гроб, да ги трансформира во поезија, додека во истовреме одбива да остане заробен во стегите да се пишува поезија како причина сама за себе.
Песна:Маргини на медитација
Песна:Питачи: Маж и Жена
Песна:Бебе
Песна:Ехо
Песна:Дедо по мајка
Песна:Директорот Абе
Песна:Стрели
Песна:Бабички на пазар
Песна:Буда во карпата, Западната планина
Песна:Возвишена пролет
Песна:Без наслов
Песна:Нова Година

Хосе Емилио Пачеко
Хосе Емилио Пачеко Берни се родил во Мексико Сити на 30 јуни 1939 година. Поет, раскажувач, есеист, новинар, преведувач и професор на факултет. Почнал да се истакнува уште кога бил многу млад како еден од главните припадници на таканаречената Средвековна генерација во родната земја. Студирал право и книжевност на Националниот автономен мексикански универзитет, каде што ги издал своите први книжевни текстови во студентски списанија. Потоа соработувал со прилогот Рамас Нуевас (Нови гранки) од списанието Естасионес (Годишни времиња), бил помошник уредник на Ревиста де ла универсидад де Мексико (Списанието од мексиканскиот универзитет) и главен уредник на прилогот Мексико ен ла Култура (Мексико во културата). Неговите седмични статии за списанието Просесо (Процес), кои излегуваа неколку децении, претставуваат еден од највозвишените примери за новинарство од областа на културата во Јужна Америка. Тој бил истражувач од Катедрата за историски студии на Националниот институт по антропологија и историја, искуство од каде што потекнуваат неговите истакнати изданија, Мексиканска поезија на деветнаесеттиот век (1965) и Антологија на модернизмот, 1884-1921 (1978). Предавал на универзитетите во Мексико, Соединетите Американски Држави, Канада и Обединетото Кралство. Бил назначен за почесен доктор на универзитетите: Автономниот универзитет на Нов Леон (2009), Автономниот универзитет на Кампече (2010), Националниот автономен универзитет на Мексико (2010) како и добитник на наградата Алфонсо Рејес од Мексиканскиот институт (2011).

Нанси Морехон
Eднa од најистакнатите кубански поети и интелектуалци, Ненси Морехон има објавено повеќе од дваесет збирки поезија, три монографии, драмска песна, и шест критички студии на Кубанската историја и литература. Таа се здоби со меѓународна репутација за својата поезија, која е преведена на неколку јазици, и застапена во многу антологии. Меѓу многуте награди, таа е добитник и на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата (2006), и наградата Рафаел Алберти (2008).
Песна:Златни кругови

Васко Граса Моура
Pоден е во близина на Порто, но сега со седиште во Лисабон, Васко Граса Моура е најреномираните преведувач на поезија во Португалија, добитник на големи награди за неговите интерпретации на Дантеовата Божествена комедија (1995) и сите сонети од Шекспир (2002), како и за неговиот превод на Петрарка, Готфрид Бен, Рилке, Шејмас Хини и други. Некои песни медитираат на уметност и музика, други се инспирирани од историски и книжевни личности, па дури и интензивно лични песни поврзани со големи, хуманистички проблеми. Поетска традиција, повеќе од тематски предмет, се рефлектира во пишувањето на поезијата, поетот ја ревитализира ренесансната метрика и римски шеми навлезени во Португалската поезија од Италија. Како поет, се прослави со книгата Модус што се менува (1963), по која следеа, меѓу останатите, Англиска седмица (1965), Декември и други песни (1976), Рецитативи (1977) Инструменти за меланхолијата (1980), Концерт во поле (1993), Семејни сонети (1995), Песни со личностш (1997), Тестамент на вгм (2001). Како раскажувач ги објавил: Четшри последни песни (1987), Бродолом на Сепулведа (1988), Заминувањето на Софонизба во шест и дванаесет наутро (1993), Смртта на Никој (1998), Љубов моја, ноќе беше (2001). Како есеист, ги објавил книгите: Луис де Камоеш: неколку предизвици (1980), Повеќе гласови (1987), Портрети на Изабел и други обиди (1994). Освен тоа, објавил и две пиеси: Смена на момчињата на удар (1987) и Актот на Мофино Мендес (1994); еден дневник: Проживеани околности (1995); три книги хроники: Хартии од дневник (1997), Против Бернардо Соареш и други опсервации (1999) и Страници од Порто (2001); и една книга за деца: Чизмите на наред- никот (2001). Како преведувач, Васко Граса Моура ги има преведено, меѓу останатите, Шекспир, Рилке, Гарсија Лорка, Валтер Бенјамин и Нов живот и Божествената комедија од Данте Алигиери. За последната ја има добиено наградата Песоа во 1995 година.

Хусто Хорхе Падрон
Xусто Хорхе Падрон е роден 1943 година во Лас Палмас де Гран Канарија, на Канарските острови, во Шпанија. Тој е Генерален секретар на Шпанскиот ПЕН клуб од 1983 до 1993 година, основач и главен уредник на меѓународното повеќејазично
списание за поезија ‘Екиваленсијас’ од 1982 до 1994 година и директор на Меѓународниот фестивал за поезија во Лас Палмас де Гран Канарија од 1992 до 2002 година. Беше претседател и организатор на Шестиот светски конгрес на поетите што се одржа во Мадрид во 1982 година. Неговата поезија е преведена на
четириесет и четири јазици, а објавени му се стотина книги на странски јазици. Добитник е на триесетина меѓународни награди и признанија меѓу кои ги истакнуваме: Меѓународната награда на Шведската академија, 1972 год.; Наградата Меѓународен Бард на Меѓународното здружението на современи поети, Мелбурн, Австралија, 1981 год.; Меѓународната награда на Мадрас, Индија, 1982 год.; Златниот медал на кинеската култура, 1983 год.; Европската награда за книжевност, Југославија, 1986 год.; Големата меѓународна награда за литература на Софија, Бугарија, 1988 год ; Двократен добитник на наградата „Нова Македонија” за најдобра
песна на СВП, Скопје, Македонија, 1989 год. и 2002 год.; Златен венец на Струшките вечери на поезијата, Македонија, 1990 год.; Меѓународната награда „Блез Сендрар“, Швајцарија, 1994 год.; Меѓународната награда „Никита Станеску”, Романија, 1996 год.; Меѓународната награда на градот Трст, Италија, 1999 год.; Меѓународната награда „Леополд Седар Сенгор”, Дакар, Сенегал, 2003 год.; Наградата на 9-от Меѓународен саем на книгата во Лима; Перу, 2004 год.; Наградата „Златно класје” на Меѓународниот поетски фестивал „Сесар Ваљехо” во Трухиљо, Перу, 2008 год.
Песна:Чествување на Блаже Конески
Песна:Шестиот ден

Љубомир Левчев
Љубомир Левчев е роден на 27. 4. 1935 година во Тројан. Завршил филозофско-историски факултет на Универзитетот Св. Климент Охридски во Софија. Бил уредник и главен уредник на весникот Литературен фронт (1961-1971), прв заменик-министер за култура на Бугарија (1975-1979), претседател на Сојузот на бугарските писатели (1979-1989). Од 1991 година е уредник и сопственик на издавачката куќа Орфеј и на истоименото меѓународно списание. Неговата прва поетска книга Ѕвездите се мои излегува во 1957 година. Во 2007 година ја публикува поетската збирка Последни поеми. Во тој период од 50 години објавил повеќе од 30 книги поезија, како и романите Убиј го Бугаринот! (1988) и Ти си следниот (1998). Во 2008 година излегува од печат седмиот и последен том од неговите Избрани дела со наслов Опасна слобода. Поетското дело на Левчев е објавувано во 34 земји со 70 одделни книги. Тој е заслужен деец на културата (1997), почесен доктор на науките на Бугарскиот слободен универзитет, редовен член на Европската академија за уметност, наука и култура од Париз, член- основач на Европската академија за поезија од Луксембург, член на меѓународниот дом на поезијата во Брисел, член на Меѓународниот литературен фонд од Москва и почесен член на Каза национал де поезија од Лима.

Махмуд Дарвиш
Pоден е 1942. во селото Барвех во Галилеја. Најпознатиот палестински почина во САД во 2008 г. За својата политичка активност тој бил повеќе пати затворан и ставан во домашен притвор. Бил уредник на весникот Итихад пред да замине 1971. на едногодишни студии во СССР. Потем оди во Египет; во Каиро работи за весникот Ал-Ахрам, оди во Бејрут, Либан, каде што е уредник на списанието Палестински изданија, а бил и директор на Палестинскиот истражувачки центар. До своето враќање во Палестина во 1996 година бил член на Извршниот одбор на Палестинска ослободителна организација (ПЛО) и живеел во прогонство меѓу Бејрут и Париз. Песните му се добро познати низ сиот арапски свет, а некои од нив се компонирани и како песни за пеење. Со годините поезијата му се здобила и со меѓународна слава, па некои од нив – од објавените 30 поетски и прозни збирки – се преведени на 35 јазици. Основач и главен и одговорен уредник е на престижното книжевно списание Ал Кармел, обновено во 1997 од центарот Сакакини, во кое е почесен член. Најпознати поетски книги му се: збирката Постела на странец (1998), поемата Мурал (2000), Опсадна состојба (2002). Во 1997 за него е снимен документарец за француската ТВ

Фатос Арапи
Pоден е 1930 година, студирал економија во Бугарија, а во Тирана работел како новинар и лектор на модерната албанска литература. Неговиот творечки опус се состои од 25 книги. Автор е на филозофски стихови, љубовна поезија и на елегии. Вниманието врз себе го свртува уште во далечнте 60-ти години од минатиот век, кога ги објавил збирките поезија Поетски патеки и Поеми и стихови. Со тие збирки внел елементи од светските книжевни текови и идеи во албанското творештво, што долги години било во стагнација. Во многу книжевни списанија неговата поезија е опишана како хармонија во која се спојуваат морските бранови и идеите за ослободување на индивидуата од стегите што врз творецот ги наметнуваат некои општества. Поради промените што ги пропагирал преку уметноста, често се соочувал со проблеми во време на комунистичкиот режим во Албанија. По падот на тој режим, Арапи го засилил своето творештво. Тој сeуште е една од водечките фигури во поетското творештво во тој дел од Европа.
Песна:Ти секако ќе ме љубиш

Вилијам Стенли Мервин
Pоден е 1927 г. во Њујорк, САД. Еден од водечките поети во Америка. Во неговата поетска кариера што се протега низ повеќе од пет децении, има објавено огромен број наслови меѓу кои се збирките: Склопување на стените, Звукот на реката, Цвет и рака и Зеница, а пролетта 2005 излегоа од печат и неговите Избрани песни 1951-2001. Во 1949 година, на 22-годишна возраст, доаѓа во Европа каде во текот на следните седум години работи како тутор и воодушевено ја проучува и преведува европската поетска традиција (од француски, шпански, португалски и латински јазик). Живеел во Франција, Португалија и на Мајорка. За време на престојот во Европа и по неговото враќање во САД ги објавува првите поетски збирки Маска за Јанус (1952, избрана за најквалитетна дебитантска збирка од американски автор од страна на В. Х. Одн), Мечки што танцуваат (1954), Зелено со ѕверови (1956), кои веднаш го исфрлаат во преден план како еден од најталентираните и најоригиналните млади американски поети чија необична поезија во себе вклучува експерименти што дотогаш не се видени и прочитани во современата американска поетска традиција. По првите книги следуваат и Пијан во печката (1960), Подвижна цел (1963), Вошки (1957), Носач на скали (1970), за која е награден со престижната Пулицерова награда за литература, Бледите деца на рударот (1970, куса поетска проза), Записи за недовршена музичка придружба (1973), Цветот компас (1977), Куќи и патници (1977, куса поетска проза) и други. За својот поетски опус ги има добиено уште и престижните американски награди: Танинг, Болинген, наградата на Американската поетска академија (1974), Рут Лили и Ланан за животно дело. На крајот од 1970-те Мервин се сели на Хаваите каде ја надградува својата поезија со нови искуства и слики како резултат на што се појавуваат збирките Откривање на островите (1982), Отворање на дланката (1983), Дожд во дрвајата (1987), Патувања (1993), како и збирка куси прозни и есеистички записи Неврамени оригинали (1982). Покрај тоа што е извонредно плоден поет, Мервин е и неуморен преведувач, за што го има добиено највисокото признание за превод во САД на американскиот ПЕН клуб (1979).

Томас Транстромер
Pоден е во 1931 година во Стокхолм. Уште во втората година на класичното гимназиско образование Транстромер објавува песни во училишното списание. Коментарите на неговиот професор по латински јазик се дека момчето пишува неразбирливи модернистички чкртаници. Транстромер дебитира на 23 години, за време на неговите студии по историја на религиите на Универзитетот во Стокхолм. Неговата прва збирка 17 песни доживува успех промовирајќи го силниот талент на поетот и уметничката вредност на песните. Студиите ги завршува на Психо-техничкиот институт во Стокхолм во 1956 година, а потем работи во истиот Институт до 1960 година. Потем се вработува како психолог во Институтот за пазар на работна рака во Вестерос, во 1960 година. Паралено пишува и поезија. Неговите збирки се релативно мали по обем, но според неговите познавачи, зад секоја од нив стои повеќегодишна работа. До деведесеттите години добива повеќе награди за поезија, како во татковината така и во странство. Преведен на повеќе од четириесет јазици. Во 1990 година страда од излив на крв во мозокот, при што десната страна му останува неподвижна, а драстично му се намалува и способноста за говор. И покрај оваа несреќа, Транстромер продолжува со пишување и со свирење пијано, со левата рака. Почина на 26 март 2015 година.

Славко Михалиќ
Pоден е во Карловац на 16. 3. 1928 година, а починал на 5. 2. 2007 г. Најистакната поетска личност во современата хрватска поезија, која со богат поетски речник, со нова метафорика и со уверливи зборови говори за непосредните проблеми на секојдневјето. Искрен е и уверлив кога пее за личните и за социјалните мотиви, исто како и кога третира сложени филозофски теми. Дела: Камерна музика, 1954; Пат во непостоење, 1956; Дарежливо прогонство, 1959; Годишно време, 1961; Последната вечера, 1969; Тивки клади, 1985; Кадифена жена, 1993; Акордеон, 2000.

Шејмас Хини
Pоден е во Мосбон, Северна Ирска, на 8. 7. 1939 г. Ирски поет, есеист и преведувач, добитник на Нобеловата награда за литература во 1995. Внимание привлекува уште со првата поетска збирка Смртта на природословецот (1966). Тој во поезијата ги велича секојдневните чуда на животот. Други книги: Врата кон темнината (1969), Презимување (1972), Остров на ходочастија (1984), Глогов фенер (1987) и Привиденија (1991). Пишувал и есеи.
Песна:Сопствен Хеликон
Песна:Копање
Песна:Голтка вода
Песна:На сенката на Збигњев Херберт
Песна:Светот познат

Едоардо Сангвинети
Pоден е во Џенова на 9. 12. 1930, а починал на 18. 5. 2010 г. Писател, општественик и универзитетски професор. Полемички е настроен спрема херметизмот во поезијата. Дела: Ги објавил поетските книги: Лаборинтус (1956), Опус метрикум (1960), Катамерон (1974), Разгледници (1978), Бележник (1981), Најновиот завет (1985), Конечни заклучоци (1997), Нешта (1999) и др. Негови најзначајни критичко-есеистички книги се: Три студии за Данте (1961), Алберто Моравија (1962), Идеологијата и јазикот (1965), Мисијата на критичарот (1987) и др. Ја приредил антологијата Италијанската поезија на 20 век и превел голем број дела од грчките и римските класични автори (Есхил, Софокле, Еврипид, Аристофан, Сенека, Петрониј).

Ив Бонфоа
Pоден е во Тур на 24. 6. 1923 г. Поет и есеист, преведувач. Студирал филозофија, историја и историја на уметноста. Неговата поезија е херметичка и тешка. Покрај тоа што е поет, значаен е и како критичар, автор на есеи и студии од областа на книжевноста, сликарството и музиката. Голем познавач е и преведувач на Шекспир. Како поет дебитирал во 1953 со поетската книга За движењето и мирувањето на Дува.Дела: Анти-Платон, 1947; Испишан камен, 1959; Сенка што дише, 1963; Во стапицата на прагот, 1975; Почеток и крај на снегот, 1991; Подалеку, побрзо, 1996 и други.

Лу Јуан
Pоден е во Вухан, провинција Хубеи, 3. 7. 1922 г. Еден од најзначајните современи кинески поети. По излегувањето на неговите Избрани дела, кога станал и добитник на Големата национална награда за поезија за стихозбирката Друга песна, бил прогласен за најголем жив кинески поет. Тој е и еден од најголемите кинески преведувачи (Гете,Рилке, Хегел и др.). Дела: Нов почеток; Сосредоточување; Поема за човекот; Страк трева; Недогорена книга.

Макото Оока
Pоден во Мишима, 16. 2. 1931 г. Најзначаен современ јапонски поет; неговите стихови се објавени во превод на повеќе јазици во светот; има напишано и стотина театарски дела, радиодрами и телевизиски драми и филмски сценарија, како и повеќе книги со литературна критика и есеи. Автор е на книгите: Споменот и сегашноста (1956), Нејзината парфимирана плот (1971), Цртеж во перспектива посветен на летото (1972), За една девојка напролет (1978), Престолнината на водата (1981), Порака на водата од родната земја (1989) и др. Во 1978 во Токио излегоа неговите Собрани дела во 15 тома.
Песна:КАМЕН И СКУЛПТОР

Јехуда Амихај
Pоден во Вирцбург, Германија, 2. 6. 1924, починал во Ерусалим, 1. 10. 2000 г. Еден од првите израелски поети што својата поезија ја пишувал на хебрејски јазик. Објавил 13 книги поезија на хебрејски, десетина избори на англиски јазик (од кои четири се издадени двојазично), потоа два романа, од кои романот Не од ова време, не од ова место (1963) е еден од најчитаните во Израел, една збирка раскази, три книги за деца и една збирка со драми. Неговите поетски книги доживуваат огромни тиражи. Преведен е над дваесет светски јазици. Добитник е на многу награди за литература (Израел), а станува и прв поет од странство што ја добил наградата Книжевен лав (Њујоршка библиотека). Дела: Песни (1948-1962), Ерусалим, 1963; Поезија, СВП, Струга, 1995.

Тед Хјуз
Pоден во Јокшир, 17. 8. 1930, а починал на 28. 10. 1998 г. Англиски поет, бил оженет со популарната поетеса Силвија Плат која се самоубила. Заедно со Даниел Вајсборт во Лондон го уредувал книжевното списание Модерна поезија во превод во кое ги претставувале најпознатите модерни писатели на 20 в. Врз неговото творештво најсилно влијание има делото Птици, животни, цвеќиња од Д. Х. Лоренс. Фасциниран е од животните и ја изразува суштината на живите суштества. Автор е на поетските книги: Сокол на дожд (1957), Луперкалии (1960), Гавран (1970), Гаудете (1977), Пештерски птици (1978), Остатоци од Елмет (1979) и др.

Генадиј Ајги
Pоден во Зајмурзин, Руска Федерација, 31. 8. 1934 починал на 21.2. 2006 г. Поет, есеист и преведувач, по националност е Чуваш; од 1960 г. се определува да пишува на руски јазик (до тогаш пишува на родниот чувашки). Неговите книги се објавувани во повеќе европски земји. Во 1993 г. е добитник на „Златен венец“ на СВП. Дела: На чувашки јазик објавил седум книги: Музика за цел живот, 1962; Од името на татковците, 1958; Чекор, 1964; Расветлување, 1971; Јазол, 1975; Песни, 1980; Тестамент, 1988; Полиња близнаци, 1987; Три поеми за Малевич, 1989 и Сега постојано снег.

Ференц Јухас
Pоден во Биа, Унгарија, на 16. 8. 1928 г. Еден од најголемите унгарски и европски поети на 20 век. Првата поетска збирка Крилатиот пастув ја објавил во 1949, а потоа Татко ми (1950) и Расипничка држава (1954). Неговите први десетина поетски книги во периодот (1946 до 1970) се издадени во два тома под наслов Љубовта на Вселената. Потоа бил објавен нов избор во два тома Момчето што се преобрази во елен (1971) и Порта на тајната (1972). Книгата Златниот меч на спасот е објавена во 1973. Дела: Мртвиот кос (најголем унгарски еп, 1985); Црниот орелски крал (1988); Враќањето на покојникот (1988) и Подземна лилија (1991).

Јосиф Бродски
Pоден е во Санк Петербург на 24. 5. 1940 година, а починал во Њујорк, 28. 1. 1996 г. Руски поет, нобеловец. Со поезија и превод се занимава од 1963. Истата година бил обвинет за паразитизам, а неговите стихови биле опишани како мешавина од декаденција, песимизам, модернизам и чисто дрдорење. Поради тоа бил осуден на пет години прогонство и принудна работа, па по една година бил помилуван. Тогаш во повеќе земји се појавиле преводи од неговите песни, а на руски јазик во Њујорк излегла книгата Песни и поеми (1965). Потоа излегува и Станица во пустината (1970). Во 1976 во Америка ја објавил книгата Вид говор. Во 1987 добил Нобелова награда. Дела: Крај на прекрасната епоха, 1977; Уранија, 1987 и др. Најпозната есеистичка книга му е Помалку од едно, 1986.
Песна:Дел од говорот

Томас Шапкот
Pоден во Ипсвич, Австралија, на 6. 9. 1935 година, еден од најзначајните современи австралиски поети. Со голем успех пишувал и романи, како Белиот елен на прогонот (преведен и на македонски јазик). Првите стихови почнал да ги објавува во 1954 г. Во 1987 г. во Скопје излегла Антологија на современата австралиска поезија во негов избор и предговор. Дела: Одбрани песни (1978), Добредојде (1983) и Патувачки коцки (1987).
Песна:Уште една пролет

Десанка Максимовиќ
Pодена во Рабровица, Србија, на 16. 5. 1898 година, починала во Белград на 8. 7. 1993 година. Значајна српска поетеса која остварила мошне вреден и разновиден поетски опус. Била член на САНУ. Добитник е на повеќе награди и признанија. Дела: Збирки песни: Песни, 1924; Градина на детството, 1927; Зелениот витез, 1930; Мирисот на земјата, 1955; Заробеник на соништата, 1959; Барам помилување, 1964; Зборувај тивко, 1961; Немам повеќе време, 1973; Летопис на Перуновите потомци, 1976; Ничија земја, 1979; Слово за љубовта и Меѓници на сеќавањето, 1983. Раскази: Лудилото на срцето, 1931 и др. Романи: Бунтовниот клас, 1960 и други. Исклучително место зазема како детски и младински поет (Пајаковата лулашка, Распеани приказни и др.).
Песна:Трепет

Тадеуш Ружевич
Pоден на 9. 10. 1021 г. во Радомско, Полска. Ружевич припаѓа на првата генереација полски поети, родени и едуцирани по полското осамостојување во 1918 година. Неговите први младешки песни се објавени во 1938 година. Во текот на Втората светска војна, заедно со неговиот брат Јануш (кој исто така е поет) е војник во рамките на нелегалната антифашистички ориентирана Армија Крајова. За разлика од Јануш, кој е погубен од Гестапо во 1944 година, Ружевич ја преживува војната и до неговото драмско деби во 1960 година издава дванаесет високоценети збирки поезија. Оттогаш до денес има напишано речиси педесет драми. Оваа ерупција на драматуршка енергија е придружена со привремени навраќања кон поезијата и кратки излети во светот на прозата. Ружевич се смета за еден од најдобрите повоени полски поети и можеби за најинвентивен полски драматург. Негови најпознати драми се: Картотека, Прекинатиот чин, Наталитет, Гладниот уметник си оди и Бела венчавка.

Јанис Рицос
Pоден е во Монемвасија на 1. 5. 1909 година, а починал во Атина на 9. 9. 1990 година. Грчки поет кој имал тежок и мрачен животен пат (минува пат на маченик и прогоненик, политички затвореник и револуционер). Создал грандиозно дело (80 издадени поетски книги со над 100.000 стихови) преку кое успеал на својот автентичен талент да му даде белег на величественост и универзалност. Дебитирал со збирката Трактор (1934). Рицос е добитник на многу меѓународни награди и признанија, неговите стихови се преведувани на речиси сите јазици во светот, а самиот на грчки има преведувано стихови од Блок, Атила Јожеф, Хикмет, Мајаковски и приредил повеќе антологии. Дела: Пирамидите (1935), Епитаф (1936), Песна на мојата сестра (1937), Старата мазурка во ритам на дожд (1942), Макронисос (1949), Несоница (1954), Утринска ѕвезда (1955), Месечева соната (1957), Мртвата куќа (1962), Хеленството (1966); драмски поеми: Филоктет и Орест, Ѕид во огледалото, Сведоштва, Ходник и скалила итн.

Ален Гинзберг
Pоден во Њу Џерси на 3. 6. 1926 г. а починал во Њујорк на 5. 4. 1997 година. Пред да студира на колеџот Колумбија, работел како мијач на садови, морнар, заварувач итн. Со објавувањето на Рев во 1957 година станува духовен водач на младите (бит-генерација) во Америка. Патувал по целиот свет на читања и има играно во два филма. Дела: Сенвички реалности, 1963; Планетарни вести, 1968; Падот на Америка, 1972; Празно огледало, 1948; Рев и други песни, 1956; Кадиш, 1960.
Песна:Супермаркет во Калифорнија
Песна:Зад стварното

Андреј Вознесенски
Pоден во Москва на 5. 12. 1933 година каде и починал на 1. 6. 2010 година. Руски поет, слободен творец. Пишувал експериментална поезија што секогаш се потпирала врз радицијата на руската авангарда. Истражувал нови можности и употребувал звучни асоцијации и асоцијативни низи, гротескна и парадоксална метафорика, а, исто така, при градбата на своите стихови се потпира на архитектурата и сликарството. Дела.: Парабола, 1960; Мозаици, 1960; Триаголна крушка, 1962; Антисветови, 1964; Ахилово срце, 1966; Сенката на звукот, 1970; Дабов виолончелов лист, 1975; Соблазна, 1978; Неконтролирано, 1981.
Песна:Балада за точката

Никита Станеску
Pоден е во Плоешти на 7. 5. 1933, починал во Букурешт на 17. 11. 1983 година, романски поет, уредник на списанија. Уште со својата прва збирка Смислата на љубовта (1960) станал познат. Со секоја нова поетска книга ги потврдувал новите стихови ослободени од товарот на минатото. Дела: Една визија на чувствата (1964), Правото на време (1965), Јајцето и сферата (1967), Црвено вертикално (1967), Незборовите (1969), Во слаткиот класичен стил (1970), Величината на студот (1972), Јасноста на срцето (1975); Книга за препрочитување (1972).
Песна:Тажна љубовна песна

Сачидананд Хирананд Ватсјајан – Агјеј
Pоден е во Лакно, Индија, на 7. 5. 1911, починал во Њу Делхи, 8. 3. 1989 година. Најзначаен индиски поет на хиндски јазик; во литературата влегува со прекарот Агјеј (незнајниот или оној што не може да се долови). Автор е на 15 книги поезија, три романи и повеќе збирки есеи. Бил уредник на списанија и автор на антологии. Неговата лирика се одликува со длабок интимизам и филозофски проблесоци Дела.: Трепет, Острови во струјата, Миг на зелената трева, Гласник на поразот, Лудиот ловец, Знаци и молчења.

Блаже Конески
Pоден е во с. Небрегово, Прилепско, на 19. 12. 1921, почина во на 7. 12. 1993 година. Филолог, поет, универзитетски професор. Најистакната фигура на македонистиката во периодот по ослободувањето на Македонија. Бил член на Комисијата за кодификација на македонскиот литературен јазик и нејзин најистакнат претставник (составувач на најголем дел од првиот Македонски правопис, 1945, и на проширеното издание Македонски правопис со правописен речник, 1950 година). Творец на основоположничките трудови на македонскиот јазик (граматиката, речникот, историјата, историската фонологија). Основното образование го почнува во родното село на неполни шест години за да не згасне училиштето поради недоволен број ученици. Откако го завршил првото оддлеление, семејството се преселува во Прилеп, па таму го завршува осумгодишното школување. Средното образование го продолжува, поради укинувањето на гимназијата во Прилеп, во гимназијата во Крагуевац и матурира во 1939 година. Таму се вклучува во литературниот живот на гимназијата, станува уредник на училишното списание Подмладак, пишува песни на српски јазик, а веќе во почетокот на 1939 настанува кај него смена на јазикот и почнува да пишува на македонски. Првата песна на македонски му е Писмо до една мајка (по углед на соодветна песна од Мајаковски). По наговор од другарите и желба од родителите, образованието го продолжува на Медицинскиот факултет во Белград. Но, само по еден семестар поминато на него сфаќа дека негов интерес не е медицината. Веќе во летниот семестар на 1940 г. се префрла на Филозофскиот факултет, на славистика и избира ретка комбинација: југословенска литература под А, а под Б руска литература и руски јазик. Привлечен од поезијата на некои полски поети (Мицкјевич, Словецки и др.), посетува факултативен курс по полски јазик. Со времето на студиите во Белград се сврзува и неговото откривање на народното творештво на Марко Цепенков, објавувано во познатиот бугарски Зборник за народни умотворенија. Запознавањето со овој материјал му помага да направи уште како студент нацрт на граматика на македонскиот јазик и опис на прилепскиот говор. Добар дел од овие негови белешки се искористени, по ослободувањето, во оформувањето на неговата Граматика (1952, 1954) и монографијата Прилепскиот говор (1948). Започнувањето на Втората светска војна на просторите на Југославија во 1941 г. му го оневозможува школувањето во Белград, па е присилен да ги продолжи студиите на Универзитетот во Софија. Тука му се признаени трите семестри од Белград и дипломира во 1944 г. Работејќи на семинарска работа за делото на надежниот славист Димитар Матов, тој доаѓа до значајни податоци за развојот на македонскиот јазик. Меѓу другото, се запознава со обемната рецензија на Александар Теодоров-Балан за делото на Крсте Мисирков, За македонцките работи. И покрај упорното инсистирање да дојде директно до ова знаменито дело за македонската посебност, тоа не му се овозможува. Но, мислата да се запознае поподробно со него не го напушта. Го користи првиот можен случај по Ослободувањето, кога општествените услови се изменети, да го побара делото. Во јуни 1945 г. оди во Софија, ја добива книгата, прави белешки и ја објавува веднаш во печатот опширната статија Една македонска книга и со тоа врши прва популаризација на Мисирков кај нас. Есента 1944 г., уште пред целосното ослободување на земјата, тој е веќе во привремениот државен и политички центар на слободната територија во с. Горно Врановци, Велешко. Тука е тој преведувач, коректор и лектор на весниците и другите публикации, тука тој држи пред поширок аудиториум културни и општествени дејци неколку предавања за развојот на македонскиот јазик и за неговиот литературен лик. По ослободувањето Конески е назначен за лектор на Македонскиот театар: преведува помали текстови за игра на сцената и пиесата Платон Кречет од Александар Корнејчук, со која на 3 април 1945 г. беше означена дејноста на Драмата на МНТ со целовечерна претстава, а ја пишува и актуелната едночинка Гладна кокошка просо сонуе, со која во Театарот беше пречекана Новата 1945 г. Пред пошироката јавност се претставува во мај 1945 г. со предавањето Македонската литература и македонскиот литературен јазик на Народниот универзитет во Скопје. Од пролетта 1945 г. тој е на работа во Министерството за просвета, учествува во многу акции од областа на просветата и културата, како и во основањето на Филозофскиот факултет во Скопје. Еден е од основачите на Филозофскиот факултет (1946), на Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков (1953), на МАНУ (1967, прв претседател), на Друштвото на писателите на Македонија (1947, прв претседател), на Друштвото (Сојузот) за македонски јазик и литература (1954), на Македонскиот славистички комитет (1963), на сп. Македонски јазик (1950, прв главен и одговорен уредник) и др. Декан на Филозофскиот (Филолошкиот) факултет во Скопје, ректор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје (1958- 1960). Член на академиите на науките на Хрватска (1962), Србија (1963), Словенија (1963), Босна и Херцеговина (1969), а потоа и на Војводина и на Црна Гора, како и на Австрија и Полска. Почесен доктор на универзитетите во Чикаго (1968), Вроцлав (1970), како и на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Носител е на Његошевата и на Хердеровата награда, на наградите АВНОЈ, Скендер Куленовиќ, Сојузот на писателите на СССР и др. Својот однос кон личноста и делото на Конески, македонската научна и културна јавност го покажа со именувањето на Филолошкиот факултет во Скопје со неговото име и со основањето на Фондацијата за македонски јазик Небрегово. Дела: Граматика на македонскиот литературен јазик (И 1952, ИИ 1954), Речник на македонскиот јазик (И 1961, ИИ 1965, ИИИ 1966, редактор), Историја на македонскиот јазик (1965), Историска фонологија на македонскиот јазик (Хајделберг, 1983, на англиски; Скопје, 2001, на македонски). Автор и на многу други значајни трудови: Македонските учебници од 20 век – Еден прилог кон историјата на македонската преродба (1949), Прилепски говор (1949), Македонската литература во 20 век – Краток преглед и текстови (1950), За македонскиот литературен јазик (1952), Вранешнички апостол (1956), Јазикот на македонската народна поезија, (1971), Беседи и огледи (1972), Македонскиот 19 век. Јазични и книжевно-историски прилози (1986), Ликови и теми (1987), Македонски места и имиња (1991). Негови се и стихозбирките: Земјата и љубовта (1948), Песни (1953), Везилка (1955), Стерна (1966), Ракување (1969), Стари и нови песни (1979), Чешмите (1984), Собрани песни (1987), Средба во рајот (1988), Црква (1988), Златоврв (1989), Сеизмограф (1989), Црн овен (1993). И препевите: Горски венец од Његош (1947), Лирски интермецо на Х. Хајне (1952), Отело на В. Шекспир (1953), Крштевање на Савица од Ф. Прешерн (1980), како и песни од Александар Блок, Адам Мицкјевич, Владимир Мајаковски, Десанка Максимовиќ и др.
Песна:Ангелот на Света Софија

Мирослав Крлежа
Hајсестраниот хрватски книжевник Мирослав Крлежа (Загреб, 7. 7. 1893 – Загреб, 29. 12. 1981) со исклучителна творечка активност беше највлијателната книжевна личност меѓу двете светски војни. По Втората светска војна народен пратеник, академик, директор на Лексикографскиот завод во Загреб. Во своите лирски песни и поеми стилот на Крлежа се движи од импресионизам до експресионизам и сатиричен израз. Во средиштето на творештвото на Крлежа се наоѓа неговата драмска дејност. Обемна и разнолика, таа е трајна потврда на Крлежовата внатрешна потреба да го прикаже својот поетски свет во сценски, дијалошки облик, во страстен судир со сопствените противречности. Крлежа е автор на обемен есеистички и полемички опус во кој расправа за теоретските ликовни и книжевни прашања, а води и бескомпромисни полемики со современиците (Мојата пресметка со нив, 1932). Најзрели негови остварувања се драмите од т.н. Глембаевски циклус: Господа Глембаеви, 1929; Во агонија, 1928 и Леда, 1939. Неговата новелистичка и романсиерска дејност најцелосно ја зафатила воената и повоената тематика (Хрватскиот бог Марс, 1922; Враќањето на Филип Латиновиќ, 1932). Посебно место во творештвото на Крлежа и во хрватската книжевност заземаат Баладите на Петрица Керенпух (1936).

Ханс Магнус Енценсбергер
Eден од најпознатите современи германски писатели. Неговата поезија е окарактеризирана како алхемија на обичните елементи на говорниот јазик. Ханс Магнус Енценсбергер (роден на 11. 11. 1928 г. во Кауфбојрен е германски писател и поет, преведувач и уредник. Има пишувано и под псевдонимот Андреас Талмаер. Живее во Минхен. Учел литература и филозофија на универзитите во Ерланген, Фрајбург и Хамбург, како и на Сорбона во Париз, каде и докторира во 1955 година на тема Поезијата на Клеменс Брентано. До 1957 година, работи како уредник во радио во Штудгарт. Учествува на неколку собири на Групата 47. Еден период минува во Кастрова Куба. Меѓу 1965 и 1975 година го уредува списанието Курцбуцх (Распоред). Од 1985 уредник е на престижната едиција книги Дие Андере Библиотхек (Другата библиотека), кои се издаваат во Франкфурт и кои досега вклучуваат повеќе од 250 наслови. Енцесбергер е основач на месечникот Транс Атлантик. Неговото творештво е преведено на повеќе од 40 јазици. Во најголем дел од неговите песни, Енценсбергер користи саркастичен и ироничен тон. Многу од неговите песни се инспирирани од класните односи и граѓанскиот немир. Иако е првобитно поет и есеист, често има кратки излети во светот на театарот филмот, операта, радио драмата, репортажата, преведувањето, а автор е и на неколку романи и книги за деца. Австралијанскиот писател Родерик Гејтс го опишува Енцесбергер, покрај Рудолф Бардо, како еден од ретките левоориентирани Германци што успеале да го предвидат падот на комунизмот и распадот на СССР. (Судења од минатото, Глобално ехо.) Награди и признанија: 1963 – Награда Георг Бихнер, 1985, Награда Хајнрих Бел, 1993 – Награда на мирот Ерих Марија Ремарк, 1998 – Награда Ханријх Хајне, 2002 – Награда на Принцот од Астурија за комуникации и хуманост, 2006 – Награда Д’Ануцио за севкупен опус. Значајни дела: Одбрана на волците, песни, 1957, Политика и криминал, есеи, 1964, Азбука за слепи, 1964; Германија, Германија, меѓу другото, 1967 Сослушување во Хавана, проза, 1970, Разговори со Маркс и Енгелс, есеи, 1970, Мавзолеј – балади од историјата на прогресот, 1975; Пропаста на Титаник, епска поема, 1978, Музиката на иднината, раскази, 1991, Ќерката на Воздухот, драма, 1992, Каде беше Роберт?, роман, 1998, Ѓаволовиот број, роман, 1999, Раскази 1950-2005, 2006.

Рафаел Алберти
Pафаел Алберти е реоден во Пуерто де Санта на 16. 12. 1902, почина на 28. 10. 1999 година. Поет, сликар, драмски автор, создава еден од најимпресивните и богати лирски опуси на современата шпанска поезија. Почнува со лириката на неопопуларизмот (Морнар на копно, 1924, Саканата, 1925, Зората на шебоите, 1925, За ангелите, 1928). Неговата поезија подоцна се свртува кон мотивите и темите на социјалната и политичката стварноста (песни за улицата и секојдневјето), а во текот на Граѓанската војна, тој е поет и борец на Републиката (песни за борбата, жртвата и верата). Живеејќи во политичка емиграција (Европа и Латинска Америка), тој пее за чемерната туѓина, лирика полна со носталгија и копнеж. Кога се враќа дома пречекан е како најголем жив поет на Шпанија. Дела: Меѓу каранфилот и мечот, 1945; Плима, 1945; За сликарството, 1948; Враќање на животот далечно, 1954.
Песна:На земјата македонска

Ежен Гилвик
Pоден е на 5. 8. 1907, починал на 19. 3. 1997 година. Еден од најважните француски поети од втората половина на 20 век. Професионално се претставува само преку своето презиме Гилвик. Роден е во Карнак, Бретања. Откако добива диплома по математика во 1926 година, влегува во администрацијата на Азак, а подоцна е дел и од Министерството за финансии и економија. Станува симпатизер на комунистите уште во текот на Шпанската граѓанска војна, поради што од 1942 година станува и активен член на Комунистичката партија. Тука се поврзува со Пол Елијар. На партијата ì останува верен с до 1980 година. Во неговото творештво, Гилвик останува доследен на своите сфаќања за светот. По еден период на отпор, на бунт против социјалниот и општествен поредок, тој го започнува својот обид да го скроти светот и неговата тишина. Се противи на метафизикиот приод кон творештвото и пишува концизно, искрено, страсно и сугестивно. Речиси и да не употребува метафори. Во поезијата на Гилвик нивното место го заземаат компарациите. Во 1976 година Гилвик ја добива Големата поетска награда на Француската академија, а со национално признание од ваков карактер се здобива во 1984 година. Неговата поезија е тешка, густа и натопена со голема љубов кон луѓето, растенијата, животните, кон основните материи на животот (оган, светлина, плима и осека). Дела.: 31 сонет, 1954; Карнак, 1961; Сфери, 1963; Водоземни, Град, Евклидиски и др.
Песна:Напоредни линии

Артур Лундквист
Pоден е во Одерлјунгана 3. 3. 1906 година, а починал во Стокхолм на 10. 8. 1991 година. Истакнат шведски лиричар, раскажувач и публицист; претседател на Нобеловиот комитет. Напишал повеќе романи, есеистички книги, патописи и автобиографска проза. Дела: Поетски книги: Жар, 1928; Гол живот, 1929; Синиот човек, 1932; Агадир, 1961; Елегии за Пабло Неруда, 1975; лирски прозни книги: Малинга, 1952; Огледало за денот и ноќта, 1953.
Песна:Мравки

Леополд Седар Сенгор
Pоден во Жоал на 9. 10. 1906 година, а починал во Париз на 20. 12. 2001. Сенегалски поет и државник пишувал на француски јазик. Од 1960 година до 1980 бил претседател на Сенегал. Со своите поетски збирки сестрано се залагал за достоинство на црниот човек, за неговите права и слобода. Неговата поезија е сензуална, елегична, носталгична под влијание на Пол Клодел, Сен-Џон Перс и на трубадурската поезија. Тој придава големо значење на музикалноста на стихот, а монотониот ритам, сличен на африканскиот мелос, им дава исклучителен автентичен призвук на неговите стихови. Составувач е на антологијата на новата црнечка и малгашка поезија пишувана на француски јазик Црниот Орфеј (1948), за која предговорот го напишал Жан-Пол Сартр. Дела: Песни од темнината (1945), Црни причесни (1948), Ноктурна (1961), Писма од Ивернажот 1972).

Фазил Хисни Дагларџа
Pоден е во Истанбул на 26. 8. 1914, починал во родниот град на 15. 10. 2008 година. Во 1959 г. отворил книжарница и почнал да издава книжевно списание. Првата поетска збирка ја објавил во 1935 под наслов Свет насликан во воздух, со која веднаш го свртел вниманието на љубителите на поезијата и книжевната критика. Во секоја поетска книга внесувал новини. Не припаѓал на ниедна школа. Објавил петнаесетина поетски збирки од кои поважни се: Дете и Бог; Епот за Чакќара; Мајка земја.

Пабло Неруда
Pоден во Парал, 12. 8. 1904 година, починал во Сантјаго на 23. 9. 1973. Еден од најзначајните латиноамерикански поети, Чилеанец, левоориентиран. Објавил многубројни збирки песни, а книжевната дејност ја започнал со љубовна поезија. Но, брзо се ориентирал кон социјалната тематика на отворен и на борбен израз со нагласени надреалистички елементи и станал значаен претставник на ангажираната поезија. Поемата Шпанија во срцето (1937) им е посветена на напредните сили на републиканска Шпанија. Најважно му е делото Сеопшта песна (1950). Во него авторот со најголем занес пее за минатото и за сегашноста на Јужна Америка и со огорченост над судбината на народот. Во 1970 ја добил Нобеловата награда за литература. Дела: Песни на залезот, 1923; Дваесет песни за љубовта и една за очајот, 1924; Сто љубовни сонети, 1960. На Македонски јазик објавена е книгата Поезија, 1972.
Песна:Проклетство

Еуџенио Монтале
Pоден е во Џенова на 12. 10. 1896, а починал во Милано на 12. 9. 1981. Заедно со Унгарети, претставува најизразита фигура на италијанскиот херметизам. Интензивно се занимавал со новинарство.
Пишувал книжевна и музичка критика. Доживотно бил сенатор на Италија. Медитеранот во неговите песни е издигнат до симбол на хуманистичката цивилизација. Во 1975 година добил Нобелова награда за литература. Дела: Коски од сипа, 1925; Виор и друго, 1956; Сатура, 1971 и Дневник 71 и 72, 1973.

Вистан Хју Одн
Pоден во Јорк на 21. 11. 1907 година, а починал во Виена на 17. 6. 1973 г. Англиски поет; бил во центарот на вниманието со четирите драми напишани заедно со Кристофер Ишервуд, кои го користеле искуството на епскиот театар на Бертолд Брехт во плакетарското пласирање идеи. Дела: Песни, 1930; Оратори, 1932; Танцот на смртта, 1933; Погледај странецу, 1936; Шпанија, 1937. Ги напишал поемите: Новогодишно писмо; Морето и огледалото; Време на тегобност, објавени во периодот меѓу 1941 и 1948 година.
Песна:Молба

Мак Диздар
Pоден е во Столац, Босна и Херцеговина на 17.10. 1917 година, а починал во Сараево на 14. 7. 1971 година. Со збирката Камениот спијач (1966), станал еден од најзначајните поети на БИХ. Соживувајќи се со јазикот и со светот на богомилските надгробни споменици и оживувајќи го од надгробните записи на спомениците далечното минато на својот народ и својата земја, дал поетски записи од своите видувања за луѓето и историјата, создавајќи истовремено и нов поетски јазик како соодветен одраз на босанскохерцеговската стварност. Дела: Видополска ноќ, 1936; Жена пливач, 1954; Крутоста на кругот, 1960 и други.
Песна:Модра река

Миодраг Павловиќ
Pоден во Нови Сад на 28. 11. 1928 г. Српски поет и есеист, продолжувач на традицијата на интелектуалната поезија, со херметички акценти (87 песни, 1952,Столб на сеќавање, 1953, Октави, 1957, Млеко од искони, 1962, Голема Скитија, 1969). Големо внимание предизвикал како есеист (Рокови на поезијата, 1958, Осум поети, 1964), како антологичар (Антологија на српската поезија, 1964, Антологија на современата англиска поезија, 1956 – во коавторство со С. Бркиќ). Автор е и на книгите со есеи и литературна критика: Дневник на пената (1972), Поезијата и културата (1974). Во препев на Петре М. Андреевски, на Македонски јазик е објавена неговата книга Кавги, Скопје, 1970.
Песна:Караници

Ласло Наѓ
Pоден е во Исказ, Унгарија на 17. 8. 1925 година во Будим, а починал на 30. 1. 1978 годона. Носител на новиот творечки израз во современата унгарска поезија. Добитник е на највисоките унгарски награди. Во 1969 година, врз основа на буквални преводи, препеал и стихови од неколку македонски автори за Антологијата на македонската поезија, објавена во Будимпешта. Дела: Исчезни болко,1949; Топчијата и ‘ржта, 1951; Свршеница на сонцето, 1954; Бисерот на неделата, 1965; Мајска слана, 1957; Химна на секое време, 1965; Крадец си во песна што се крие, 1973; Камбаните доаѓаат по мене, 1978. На Македонски јазик во 1970 г. во препев на Паскал Гилевски, објавна е неговата поетска книга Крадец во песна што се крие.

Роберт Рождественски
Pоден во Косиха на 10. 2. 1932 година во Москва, а починал на 3. 6. 1994 година. Руски поет, професионален писател. Со своите стихови пишувани концизно и прецизно предизвикуваал спонтано одушевување од широкиот аудиториум. Неговите реторични стихови имаат извесен публицистички карактер, полни со ритам и со ентузијазам, инспирирани од книжевната традиција и посебно од Мајаковски. Мошне силен впечаток оставила неговата книга Реквием (1961) со стихови посветени на татковинската војна против фашизмот. На македонски јазик е објавена неговата книга Се роди човек, Мисла, Скопје, 1970.

Булат Окуџава
Pоден е во Москва, 9. 5. 1924 година, а починал во Кламарт, 12. 6. 1997 година. Истакнат руски поет и кант-автор. Голем дел од своите песни сам ги компонирал и постигнал голем успех во поранешниот Советски Сојуз. Поетскиот стил му е камерен и лирски. Неговата збирка Биди здрав, ученику (1961), ја третира темата за учеството на младите луѓе во Татковинската војна против фашизмот и е преведена на повеќе јазици. Автор е на прозни и драмски дела како и на филмски сценарија.

Томаж Шаламун
Tомаж Шаламун е словенечки поет, роден во 1941 година во Загреб, Хрватска, кој се смета за еден од големите повоени поети од централна Европа. Шаламун предавал на Универзитетот во Алабама, Тенеси, Џорџија, Масачусетс, Питсбург и Ричмонд, и бил поканет да биде член на Меѓународната програма за писатели при Универзитетот во Ајова во 1971 година. Поминал неколку години како културно аташе во словенечкиот конзулат во Њујорк. Девет негови поетски книги се објавени на англиски, меѓу кои Книга за брат ми (2006), Покер (2003, 2008), Ред (2006), и Гори и пехари (2008). Негови книги се објавени на деветнаесет јазици. Во 2007 година, Шаламун ја добил Европската награда во Мунстер во Германија. Неговата најнова поетска книга е насловена Ене ја раката и ене го сувиот стол (2009). Две негови книги се преведени на македонски јазик: Амбер (2004) и Глаголи на сонцето (2008). Во 1993 година ја добил наградата „Нова Македонија“.

Монгани Вали Сероте
Mонгани Вали Сероти се родил во Софијатаун, на север од Јоханесбург, во 1944 година. Посетувал училиште во Александра. Политичките услови во тоа време го навеле да развие интерес за философијата на т.н. Црна Свест и борбите на анти-апартхејт движењето на тоа време. По завршувањето на училиштето, Сероти почнал да работи како новинар. Попознат како „Вели“, Сероти се смета за еден од Јужноафриканските најеминентни поети и писатели. Ренимиран е како еден од Совето поетите кој бил олицетворение на книжевната обнова на црнечкиот глас во 1970тите. Песните на Сероти прикажувале сурова и реалистична слика за режимот на Апартхејтот. Неговиот отпор кон неправедниот режим се проширил и надвор од поезијата преку активно учество во политички отпор, кога се приклучил кон Африканскиот Нацонален Конгрес (АНК).

Матеја Матевски
Поет, литературен и теaтарски критичар, есеист и преведувач, роден е во Истанбул, Турција, во 1929 година. Матеја Матевски е автор на 19 книги поезија и на десетина антологиски избори, а неговата поезија е објавувана на сите континенти. Преведен е на 22 јазика. Добитник е на речси сите национални награди и е носител на 16 меѓународни награди за неговото поетско творештво. Матеја Матевски е член на Македонската Академија на науките и уметностите и е добитник на „Златен Венец на поезијата“, за поетски опус на Меѓународниот фестивал Струшки вечери на поезијата.
Листа на наградени поети
- Шунтаро Таникава (2022)
- Керол Ен Дафи (2021)
- Амир Ор (2020)
- Ана Бландијана (2019)
- Адам Загајевски (2018)
- Чарлс Симиќ (2017)
- Маргарет Етвуд (2016)
- Беј Дао (2015)
- Ко Ун (2014)
- Хосе Емилио Пачеко (2013)
- Монгане Вали Сероте (2012)
- Матеја Матевски (2011)
- Љубомир Левчев (2010)
- Томаж Шаламун (2009)
- Фатос Арапи (2008)
- Махмуд Дарвиш (2007)
- Нанси Морехон (2006)
- Вилијам С. Мервин (2005)
- Васко Граса Моура (2004)
- Томас Транстромер (2003)
- Славко Михалиќ (2002)
- Шејмас Хини (2001)
- Едоардо Сангвинети (2000)
- Ив Бонфоа (1999)
- Лу Јуен (1998)
- Адонис (1997)
- Макото Оока (1996)
- Јехуда Амихај (1995)
- Тед Хјуз (1994)
- Генади Ајги (1993)
- Ференц Јухас (1992)
- Јосиф Бродски (1991)
- Хусто Хорхе Падрон (1990)
- Томас Шапкот (1989)
- Десанка Максимовиќ (1988)
- Тадеуш Ружевич (1987)
- Ален Гинсберг (1986)
- Јанис Рицос (1985)
- Андреј Вознесенски (1984)
- Сачидананд Хирананд Ватсјајн-Ајгеј (1983)
- Никита Станеску (1982)
- Блаже Конески (1981)
- Ханс Магнус Енценсбергер (1980)
- Мирослав Крлежа (1979)
- Рафаел Алберти (1978)
- Артур Лундквист (1977)
- Ежен Гилвик (1976)
- Леополд Седар Сенгор (1975)
- Фазил Хисни Дагларџа (1974)
- Еуџенио Монтале (1973)
- Пабло Неруда (1972)
- Вистан Хју Оден (1971)
- Миодраг Павловиќ (1970)
- Мак Диздар (1969)
- Ласло Наѓ (1968)
- Булат Окуџава (1967)
- Роберт Рождественски (1966)