МАЈКА, ПРВИТЕ ЧЕВЛИ НА ТАТКО МИ, ПАЛУБА, ЈУЛИЈА, ПРИЈАТЕЛ

МАЈКА

Штом мајката испружи дланка, таа дава.
Тоа што е на дланката веднаш израснува во стогодишно дрво,
во кула за измачување и во мечот на Артур.
Тоа што е на дланката се втиснува како сомнеж, како скаменет
поглед,
во твојата усна која проговара: настанувам.

Штом мајката испружи рака, сè, вклучувајќи ја твојата коса, заби,
љубовници
и очила, сè е фрлено на куп, во пирамида од копнежи.
Едното око шета налево, затоа што многу боли тоа јајце од волшепства на дланката,
тој етрурски збор што низ трепет ќе го расцепи светот.

Од мајката се вцртува констелацијата на бродовите.
Во ноќите има еден светилник и тој се придвижува на желка или
на кит.
И тој се движи по мајчината дланка, одејќи далеку, далеку, до
другата ти.
Затоа што утре е големото затемнување, богослужба на детството кое паднало со глава на риба.
И сега се прашува: каде е таа ноќ и кога?
И кога ли се затворила мајчината дланка?

Превод од хрватски јазик Никола Кукунеш

 

 

ПРВИТЕ ЧЕВЛИ НА ТАТКО МИ

Во дното на орманот, всушност под земја, покрај корењето
на буката од којашто орманот ќе биде направен
се наоѓаат чевлите на татко ми.
Црни, износени, од тенка кожа, две суви сливи
во кои се движат гранчињата на татко ми, крцкави зглобови.
Тоа беа неговите први чевли што ги помнам.
Секако, не неговите први чевли воопшто.
Нив не ги собуваше, веќе му беа сраснати за кожата,
живи, овошни, минерални. За лете и зиме.
Ни да помисли да ги замени со нови.
Во орманот живееше и семејство лебарки, десетина мрави
и овошни вошки. Чевлите беа Ноеви арки за малечките куќни паразити
префрлајќи ги од еден ден во друг.
Еден ден мајка ми ги дофати чевлите за нивните деликатни уши
и ги исфрли надвор.
Татко ми не се спротивстави, ами си купи нови, обични машки чевли.
Црните, први чевли, оние со истегнати уши, без чувство на пораз
отидоа в шума. Токму онака како што татко
со години најавуваше: преку глава ми е од сè, ќе заминам в шума.
Станаа земја, дрвце, можеби и грмушка со горки плодови.
Чевлите во кои растеа татините ќерки
и многу други безобѕирни реченици.

Превод од хрватски јазик Никола Кукунеш

 

 

ПАЛУБА

Се наведнувам преку оградата на траектот.
Ветерот зема два прамена кои диво удираат по лицето.
Качулката со вештачко крзно е потенка од лист.
Во тоа обично тело се растрчале птиците и пчелите,
мечките со младите, лиските, и уште некои штури суштества.
На палубата нема никого, а сепак е бучно.
Чекорат ослободените титани, чкрипат со огромните кожуви.
На ветрот брадите им изгледаат кревко, како лавина.
Под скалилата што водат на палубата, двајца пијат кафе.
Јас сум на полпат до онде, празен филџан со неколку капки ладно еспресо.
Мојот здив, дарбата за говор и движење, милоста, уште е на полпат таму.
Еден од нив го соблекол капутот. На челото му стои жешка дамка.
Отидов да видам што ќе рече одразот во морето,
дали е доволно само малку да се оддалечиш
или пената, сепак, ќе те искрши од сопствените коски.

Превод од хрватски јазик Никола Кукунеш

 

 

 

ЈУЛИЈА

беше ноќ и јас најпосле можев да бидам
Јулија која бараше љубов во лисјето и во површината
на морето во близина на хотелот.
најдов едно момче
сериозно како есхатологија, со црна коса како книга, со бело лице
и очи кои се беа ветиле на оној свет.
се стуткавме на хотелскиот прозорец, вдишувајќи го ловорот.
потем, кога отчука виното во нашите раце
се спуштивме до морето и тетеравејќи се покрај него
му ги оставивме историските тела на дежурниот ангел.
отидовме во најцрната шума
најдовме таен премин до морското дно
каде ми беше покажано како се диригира со птиците
кои во ноќите како пламен колваат морски песок.
во муграта, Јулија исчезна зад темната завеса.
на ѕидовите гореа златните букви
кои далечното сонце им ги праќаше на удавените души.
допирајќи ги крадешкум се искачив на катот
каде се роеја уморни студенти по музика, момчиња
и девојки, ноќни Јулии.

Превод од хрватски јазик Никола Кукунеш

 

 

ПРИЈАТЕЛ

Првиот ден на себе имаше железен оклоп за летање.
Под оклопот имаше куп меко перје, а секој збор во неговата уста
имаше неколку боцки, клун или диригентска игла.
Му ја отворив устата и сите зборови внимателно ги извадив на масичката за кафе.
Ги наострив малку затапените клунови и му ги вратив.
Сè минуваше молкум, во првите неколку години.
На масичката врз која беа изложени неговите зборови
се слеваше вишнова ракија. Се спуштавме под маса за да ја излижеме
гледајќи се без да трепнеме, затоа што сè ќе заврши наскоро.
Беа зимите, сите до една бели, доаѓаа во чевли на кат.
Беа сватовите, крошните, дрвените кревети и нивните грижи и
железничките станици.
Неговиот оклоп ја криеше големата машина која испушташе
длабоки звуци под земја. Неговите силни птици, корабите, ларвите
дрвенестите етиди, патетичните сонати маршираа пред нас по
ноќните друмови.
Кога сè се заврши ме прогласи за ближна.
Ги прибра сите очи во чекмеџињата и остави еден пар од доверба.
Го носам со себе во градови, кули, во болест и во рана мугра,
две доверливи китки планинско цвеќе.

Превод од хрватски јазик Никола Кукунеш

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©