НАРЦИС, ЈОРДАН, МЕСИЈА, ПОЛНОЌ, АПОКАЛИПСА, ВОДА БЕСМРТНА

НАРЦИС

И сè е исто во ова огледало
Што ме тера на послушност
На исти востановени движења
Лица празни ноќни навеви
Низ кои она што бев е страв силен
Загубено дете што смртта
Безмерно ја прима кон правта
Без себеси сета низ зборовите
Низ грутките допрев стасав
Без да сетам што се плете
Под мојава рака што во таа мрака
Се излева тајно ми го краде ликот
Во ова огледало на послушност
Ноќ во повлекувања бегства следи
Безмерно неопходен ôд за чистите движења
Збунетите погледи
Неумоливите отчукувања на часовниците
A сепак ни стадо, ни птица, ни ѕвер
И сега сум гласот што ме повторува
Над водите жедта ли ја гасам

 

 

ЈОРДАН

Моето име
E река што тече
Низ ископините

Опека
Впишано проклетство
Баб Илу

Од едната страна
Сенката на убиениот
Од другата
Тој што убива

Како Денот и Ноќта
E моето тело
Брана што мора да попушти

Пред моќта на Името
Во Потоп
Сто и педесет дена

 

 

МЕСИЈА

Завлекуваш сенки
Темнина што ми се заканува
И Ветер
Кој само од Тебе се крева
И во Тебе престанува

Маглина Си
Шепоти разединети
Каде се коти
Мртва вода што подрива
Во мене навтасана

Те вдишувам
И од Тебе вдишан
Исполнувам празни лица
Движења насетени
Во кои сакам да знам
He што движам
Туку што задвижувам
Што од мене криеш
Во задвиженото
Жедно во водите
Кога се барам
И како
Доаѓањето свое
Да го разберам
Како свое
Или доаѓање на другите
Што ги исполнувам
Без да има
Моето исполнение
Суштина
Во која сум внесен
Или и Ти Оче
Милосен
Во моите страдања
Среде оваа пустина
Причината своја
Низ мене ја бараш

 

 

ПОЛНОЌ

Полноќ
Се јавува нешто што не е мое
A му припаѓам со секое јавување
И жена некоја по улицата се колеба
И темнината во бранови ја кине
Крикнувам зад прозорците
Во мојата соба што од крикови се крепи
Во овој Град завеан од тишината
И ликови неми насмевки заскитани
По ѕидините кобат
По улицата се колебам
Далеку е мојата соба
Пафтам со белите листови во мракот
И секоја честичка мрак за мене се лепи

* Од Еноховата Книга која датира околу 164 год. пред христијанската ера – Ен. LXXI, 11-14.

 

 

АПОКАЛИПСА

Јазикот е оган Енох
Штом пепелта те разнесува
Меѓу ѕидините страв
Вон Ракописите си правта
Што е Тајна на космосот
И Космосот е таен
Паѓав на лице*
И сето мое тело
И сиот мој дух
Се изменија…

 

 

ВОДА БЕСМРТНА

(среде правта на зборовите од преданието за Александар Македонски,
и неговата бесмртна вода
– Миладиновци „Зборник на народни песни“)

Водата на бесмртта ja барам

Брег темен што втекува
По картите на мракот

Зборови
Што ве пречекувам
По мојата истрошена снага
Чиј кот сте
Чија загубена азбука

Водата на бесмртта ја барам
Рамнодушни старци
Зафатени од завев служат
Мрак што се вовлекува
Во движењата

Чија загубена азбука допирам
Кој врз мене клава рака
И од мене се оддалечува

Водата на бесмртта ја барам
Среде ова затемнение
Среде ова темно дете
Ликот што од мене го крие
И ме запретува со зборови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©