ОЛКИЛУОТО 2, ГРАН ПОПО/ЛЕТНА ГРАДИНА, 1986-, 1. (Кога ќе изгледаш 3000 фотографии…), МЕЛАНХОЛИЧЕН РАЗГОВОР, ХАЛТИЈАЛА/ТЕРИЈОКИ

ОЛКИЛУОТО 2

На Светлана Алексиевич

I. (Неодредени ефекти на зрачење МКБ* – 10 Т66)

И му зборуваше Бог на Мојсеја по смртта на двајцата Аронови
синови, кога принесоа жртва пред Бог, и умреа.

Откако принесоа жртва наскоро сетија голем грч во телата нивни,
и тој ужас се обидоа да го скријат од очи, во тишина и присилно;
но тогаш повратија, пискотни клетви од тага.

И откако долго повраќаа и празни беа стомаците нивни, јадеа и
пиеја а не можеа да се наситат, ами ја исфрлаа сета вода и леб;
и оти беа засмрдени ги изнесоа надвор од куќата Аронова и ги
исфрлија на земја.

Ги оплакуваа болестите и болката своја и чкртаа со забите. И од
страдање такво се тресеа и ги обзедоа красти и жолтица.

И се помолија за милост, но Бог ги удри со лепра и гнојни струпје;
и нивниот ужас и тага беа многу големи; оти почувствуваа дека Бог
ги беше оставил во гневот Свој.

Потем сите мисли и помисли нивни беа поразени од демони за да
гледаат со будните очи избезумувачки вештерки и лажни работи
и не можеа да најдат мир во несвесен сон; оти се будеа од својот
плач и пискот.

Откако беа страдале од овој скрб два дена и две ноќи на третиот
ден умреа.

II. (Опасни материи Тип 1 prEN943/1)

И Господ му рече на Мојсеја, Кажи му на братот твој Арона да
не влегува во светилиштето зад завесата во секое време пред
очистилиштето, што е врз ковчегот на сведоштвото, за да не умре,
бидејќи Јас ќе се јавувам над очистилиштето во вид на облак.

Еве вака да влегува Арон во светилиштето: Тој треба да го облекува
осветениот ленен хитон, на долната половина од телото свое да
има ленена облека и да се опашува со ленен појас, ленен кидар
да става – тоа се свети облеки; прво треба да го измие целото свое
тело со вода и потоа да ги облекува.

Тоа да го направи треба за да не изгине; над очистилиштето ќе се
појавам како голем облак, со оган во него, а околу огнот ќе сјае,
среде него ќе болска како сјаен бакар, од средината на огнот.

А ако некој дојде пред мене без да биде спремен според волјата
Моја ќе дувнам како бурен ветар по земјата, и ќе биде ден на
Божјиот гнев.

А животните личеа на разгорени јаглени, на ламбади. А нозете
нивни – прави нозе; а стапалата нивни како телешки копита. А
пред престолот, пак, имаше стаклено море, слично на кристал, и
видов, настана голем земјотрес; и сонцето стана црно како вреќа
од кострет, и месечината стана како крв. И цареви и
благородниците, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб, и
слободен се сокрија во пештери и горски камењари.

Им велеа на планините и на карпите: „Паднете врз нас и сокријте
нѐ од лицето на Оној, Кој седи на престолот и од гневот на Агнецот:
зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да устои?”

И Мојсеј појде кај брата си и му рече што му заповедал Бог, и
обајцата му заблагодарија и го благословија Бога.

Превод од англиски Никола Ѓелинчески

* Меѓународна статистичка класификација на болестите и сродните здравствени
проблеми (Заб. на прев.)

 

 

ГРАН ПОПО/ЛЕТНА ГРАДИНА

В градина седиш на дното од морето
а дрвјата, високи алги, се нишаат во времето

наредени како слогови, исправени како нурнувања
а ластовичките и инсектите се вртат во воздухот,

стрелициите одѕвонуваат, си го менуваат полот,
огнени јазици, пепелаво-црни и оксидирано-зелени,

овие катастрофални мигови на светлина,
браново-честичните ноќи и вечерите со спори од мувла,

многу малку време помина од нашата кармичка трансмиграција
и секогаш ќе е така, додека да започне повторно,

и животот влегува во нас како клуч, и не постојат грешки,
хромозомите се делат – ова е мртов лист,

корењата се на милост и немилост на ветрот, птица грабливка
на работ од воздухот, лилјакот и бубашвабата,

а јас сум распнат на себеси, ти
си распната, се кикотиме и се потиме

и се претвораме во опојна течност, ти си го забораваш
името, латинскиот јазик, белите животни,

небесните јазли, се разложуваат во утрото, што е животот:
фестивал на распаѓање, преродба, хидролиза.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески

 

 

1986-

Живеевме меѓу војните,
се враќавме кон непознатото,
историјата заврши и повторно започна,
големиот економски раст заврши.

Живеевме меѓу војните,
заборавивме повеќе отколку што бевме научиле,
и никој не можеше да ги реши воените кризи
на Истокот, сè поголемиот раздор на Западот,
а една револуција ја следеа дванаесет револуции,
се враќавме кон непознатото,
израснавме до возраста на нашите родители, нивниот стас,
и го сакавме тоа што тие го сакале пред нас.

Живеевме меѓу војните,
полни со неоснован песимизам,
се испосекоа шуми кај меѓународни граници, се крена бодликава жица,
а додека шетавме во паркот, нашиот син или ќерка
го пушти балонот, и се пуштивме од син ни,
ќерка ни, ја свртивме земјата во бавчите, ни папсаа грбовите
и заборавивме повеќе отколку што бевме научиле,
беа усвоени нов устав и нова валута,
разлистувајќи низ насловите, брзавме за на работа,
се враќавме кон непознатото,
ги отплативме долговите и си наврзавме нови долгови,
економијата порасна, знаењето за иднината не се зголеми.

Живеевме меѓу војните,
полни со неоснована надеж,
науката почна да нè учи дека сè е симулација,
а вербата во задгробен живот не престана, пророкувањето
не престана, продолживме да сметаме веројатности,
првиот угнетувачки период беше краток но жесток,
се преморивме, си легнавме порано,
полни со неоснован песимизам,
а кога наполнив седумдесет години видот ми се влоши,
воздивнувајќи, ти одеше од соба в соба, молчешкум носејќи лекарства,
заборавивме повеќе отколку што бевме научиле,
урнатините на древниот град беа збришани
а нови урнатини се родија од нови градови,
се враќавме кон непознатото,
епохата го изгуби своето значење, имињата на внуците,
сè почна да се чини чудовишно, туѓо.

Живеевме меѓу војните,
кога јазот помеѓу глупавоста и мудроста растеше,
но се сеќаваш ли на таа новогодишна ноќ, кога си дојдовме дома
во раните часови, јас го отворив прозорецот а врапчињата џивкаа,
ние бевме нежни и снежеше, небото полека паѓаше,
и полека сè се менуваше, детето спиеше, растеше,
ветрот правеше злато во виорот од светлина под светилката, ние полека
се проѕевавме, и ѕверот што го беше проголтал светот се проѕеваше,
ние бевме полни со неоснована надеж,
кога фосилните горива конечно секнаа,
и секое лето страшилото добиваше униформа од нов колонизатор,
полни со неоснован песимизам,
се сетивме на мрежата на информации, колку лажевме во тоа време,
излеговме од сауната и долго јато жерави прелета над пределот
за последен пат, заборавивме повеќе отколку што бевме научиле,
нашата неописливо глупава генерација
требаше да изгради нова култура,
се враќавме кон непознатото,
време во кое конечно сме заборавени, џив џив
рекоа врапчињата откако нè снема.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески

 

 

1. (Кога ќе изгледаш 3000 фотографии…)

1.
Кога ќе изгледаш 3000 фотографии од проживеан живот, почнуваш да искашлуваш вода,
излегуваш надвор и блуеш небо од твоите преполни бели дробови,

2.
небо со 3000 далечни запалени дупки,
а без долга скала за да се качиш и да ги поправиш.

3.
Одењето на Месечината е мачкина кашлица. Само скок преку ров,
но ај пробај да си го закачиш знамето во било кој проживеан миг.

4.
Ќе се запали, ќе видиш.

5.
Знаеш: „Ако целото време е вечна сегашност целото време е
неоткупливо“.

6.
Non nobis, non nobis, Domine, sed nomini tuo da gloriam*, тоа го пееле
на Свети Криспин пред сто години, откако завршила битката,
и расплаканиот крал го однесол телото на младо момче до запрегата.

7.
И последните издивнувања на мртвите, прекриени од облаците на небото,
кондензираа во планети, баш како оваа, и врнат врз нас, сè уште врнат врз нас.

* Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај Му слава (Заб. на прев.)

8.
Но не тврдам дека времето постои, не, не.

9.
Само мислам дека Господ почнал да си ја полни кадата со елементи,
но заборавил да ја затне.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески

 

 

МЕЛАНХОЛИЧЕН РАЗГОВОР

А се сеќаваш ли кога реков
дека подобро е да не се биде
на овој свет, подобро е со потиснати сетила
да се набљудува меурот на постоењето
отколку да се чекори по поле носејќи вода
од изворот на животот во ведро што протекува,

и како и секогаш ти таман да се расплачеш
туку си се изнасмеа и рече дека мртвите се во ред,
овој шир од живот сега им е покрив,
нема да се вратат, но мрежите од гранки
ќе ги носат низ сферите, само непотребното го нема,

а еве си, чекориш врз нив со мене
во длабоките сенки под крошните,
и ако бараш мир, тогаш зошто ли
ја наруши тишината, која беше добра,
и разоткри сè што таа чуваше неизречено?

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески

 

 

ХАЛТИЈАЛА/ТЕРИЈОКИ

Искуство на отсуство, гром во универзумот, и молња удира
од ѕвезда до ѕвезда, долната мрежа молска, останува блесокот,

прашања, и сите расфрлани сетила се собираат, тука,
замислата расте во постоењето, рид обликуван од ледено доба

или шумичка за човек да се замисли внатре и да гледа, со очите
отворени и затворени, на две места наеднаш, на небото, на земјата

сигурното набљудување на табанот се искачува на врвот од телото, станува
верување, и видливото се распрснува во виденото, фрагмент од вонземен,

спирален свет каде еден песнопоен ползач, непозната птица,
откопува непознат инсект од под кората, не прашува што е тоа,

секогаш во движење, не прашува што си ти, ти именувано,
збунето суштество, стапнуваш на плажата, а таму еден корморан

брзо прелетува над брановите, сонцето удира нешто во неговите канџи,
сонцето е во неговите канџи,
и постанокот е завршен за тој ден, умот преплавен, апстрактна мисла започнува

на хоризонтот, кога ќе погледнам натаму таму сум,
и морето е сино, дрвјата се вертикални, заблудите вистински,и патчето завршува.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©