кога громовникот го преуредил небото

првиот гром удрил во нашата штала

а другиот во младата ката

 

ја закопале до глава

во градината крај леичката кромид

и чекале два дена

да ѝ изртат рацете

од мократа црница

 

било тоа уште едно чудо

за кое посведочиле селаните

нашите глуви мачки несреќно мјаукале

не можејќи да ги чујат своите гласови

ни утробите што предат полни глувци и мачиња

а ката носела молња под срцето 

кое прескокнувало

како расипана играчка

 

препев од хрватски: Ѓоко Здравески