Летото не си заминува, останува како воспаление на предишаните патишта,

топол камен, чекорите не оставаат стапалки (иако воздухот е влажен);

раните не зараснуваат, секое пладне истото движење – со раката

да се истрие правта од очите и маслото од загреаните тркала. Октомври.

 

Нема враќање назад: континуитет во пукнатините, градот не се сеќава,

не сакаш ни ти: вкочанети стапала, испукани раце, зошто да не признаеме –

клисура, премин, зад аголот наместо (истиот) спомен изникнува

улица. Уште една. Идентична.

 

На перонот лудак, сосема напуштен

(веќе никој не му се плаши), станица на минување Реамур – Севастопол:

горе спие човек по чорапи,

од едниот му се наѕира завој, но малкумина се осмелуваат

да си го затнат носот.

 

Зад прозорецот без ролетни некој се опива,

Сосема сам, зад прозорецот со ролетна си ја освежувам шминката,

не проветрувам, зборувам на телефон

и конечно заспивам.

 

Превод од словачки: Славица Гаџова Свидерска