Татко ми беше човек со големи небесно-сини очи
кој ги сакаше луѓето, доброто вино, риболовот,
црните цигари и се радуваше на туѓата среќа.

Многупати му ги видов големите очи вперени нагоре
оти велеше дека кога паѓа ѕвезда
умира некој човек.

Единствената јавна желба му беше да изгради камено патче
по кое врвеа генерации работници кон фабриката
кај што тој си ги остави младоста и коските.

Кога умре, рацете му беа потни и болни
оти секој ден го крепеше небото.

Превод: Никола Ѓелинчески