Тие едноставно излегуваат од шумата.
Целото стадо полека
чекори кон градот
копитата тропкаат
на асфалтот:
автомобилите отстапуваат,
се излеваат од патот.

Срните и елените
се упатуваат кон куќите,
потклекнуваат пред портите,
се склопчуваат на тревниците,
по патеките и железниците,
на крстосниците.
Монотоно блеат,
ама ги вртат главите на другата страна
кога некој сака да ги погали.

Секој ден
нови и нови видови
го губат срамот.
Доаѓаат кон нас,
ни погледнуваат в очи,
нè водат кон морето.

Без страв,
заедно престануваме да дишеме.

 

Превод од словачки: Славица Гаџова Свидерска