Лавовите на плоштадот Трафалгар во Лондон,
во квартот Монпарнас и насекаде низ Париз.
На гробот на кралот Ричард во катедралата во Руен,
во паркот Тиргартен и музејскиот остров во Берлин,
на Синџирестиот мост во Будимпешта; го чуваат влезот
во кралската палата во Брисел, дремат
во подножјето на споменикот на Колумбо во Барселона,
жонглираат на плоштадот маркиз Помбал во Лисабон.
Уште одамна со камените погледи ги испраќаа бродовите
На источно-индиските компании од Амстердам.
Овде ги има повеќе отколку во Африка и во Индија.
Престолнините на бившите европски империи
не ги красат ниту делфини ниту птици, туку лавови,
чија сила е нивната самотија.

Како дванаесетгодишен, лизгав
една остра зима на замрзнатото езеро
во максимирскиот парк покрај ЗОО градината.
На езерото немаше никого освен мене.
Под еден од мостовите почувствував
кај влезот во кафезот присуство на лав,
чиј рик ме запре в место.
Лавовите всушност гледаат право во твоите коски,
низ ѕидовите, решетките и дрвјата, преку езерото
каде што лизгав па сè до римскиот колосеум и потаму,
низ пространствата врежани длабоко во нивната меморија,
погледот им почива во саваните во Африка пред колониите.

 

Превод: Никола Кукунеш