Во болничката самотија
очигледно не сум сама.
На сликите, зборови на поддршка.
Од трогнатост дури и не дишам.
Во очите течни кристали,
во белите дробови постојано врне.

Ни земјата не би испила повеќе вода.

Последната фотографија
во која моето лице
се претвора во воден парк
(Проѕирни млазови на тобоганите
излегуваат од носот,
други се влеваат во вените),
ќе биде засекогаш актуелна,

ако успеам
да ја закачам,
ако некогаш воопшто
успеам да го помрднам прстот.

 

Превод од словачки: Славица Гаџова Свидерска