Таа отсекогаш ги слушаше нивните разговори,
И умееше да ги истолкува, како што велеа порано за Конг Је Чанг;
Една меѓу нив се има вратено оддалеку,
Расцрцорена за авантурите што ги доживеала.
Некои од страчките џавкаа против неа, други, пак ѝ веруваа,
А имаше и такви што се сомневаа дотаму што писнаа на цел глас,
Та гласот на раскажувачката се сневесели, небаре
Беше разобличена или изнемоштена,
Не мачејќи се, не мачејќи се веќе со тие незнајковци;
Но мама секогаш ја прекорувала, велејќи дека е напорна на говор.
Молкни, страчкичке,
Малечка си ти, ништо не можеш уште да понесеш.
Еден ден, пак, една страчка,
Мртва лежеше под еден висок јасен, личејќи
Како заспана да испаднала од гнездото,
Со цврсто затворено клунче, меѓутоа
Таа беше премалечка, не знаеше да го растолкува молкот на смртта.

Превод: Игор Радев