Нешто се помачи да ми влезе в уста,
како што одев спроти ветрот.
Го исплукав –
некаква мушичка.
Мртва веќе
врз мојот ракав.
Каква излишна погибел!
Ми се посака да бидам џаин*.
А има толку нешта
далеку поважни.
Како ќе живеевме
ако не си ги степенувавме
убиствата?

 

* Член на хинду не-браманска секта, основана во VI век пред н.е., кој верува дека секое живо суштество е свето и не треба да се убива. Затоа џаините наводно излегуваат од дома со маска на носот и устата за да не вдишат нешто што е живо…

Превод: Богомил Ѓузел