Се бев качил на еден од оние автобуси —
панорамските,
од кои можеш да го разгледаш
Њујорк за два дена.
Се стаписав,
затоа што во маршрутата
имаше застанување кај „Нултата точка“.
Можеш ли да ја претвориш
празнотијата во објект на желба,
колку чини билет
за никаде?
Пред „Нултата точка“
сите молчеа
како пред некакви
невидливи гробишта.
Само една Афроамериканка,
уште врескаше:
„Вардете се!“
„Вардете се!“
иако веќе
поминаа
пет години.
Се загледав
во голата земја
со надеж
дека ќе откријам некакви руини,
некаков траг
за животот што исчезнал,
но не успеав.
Во таа страотна тишина
јас бев единствениот турист,
оптоварен од историјата.
Превод: Никола Кукунеш