Овците од сцената на рожденството се вечни
како Бог.

Сите ги бројам.
Ниедна не е скршена.

Имам 4, 14, 24 години.
Секоја година подзастанувам
пред необичниот состав на Рожденството.

По празникот, чистачката
внимателно ги собира гипсените фигури
и понизно ги пакува светите кукли во кутија.

И сѐ така, животните, мовот,
ѕвездата од фолија, електричната фонтана купена лани…

Нашиот Бог се раѓа како дете секоја година,
а нема време да порасне –

Повторно пристигнува како бебе
во картонски јасли.

Колку кршлив бил семоќниот.

Фрлам паричка во кутијата и палам свеќа
За мојот поранешен свршеник
роден на ист ден како Бог.
Секој Божиќ добивал само еден подарок
наместо два.

Неговата избледена слика од прво одделение
сѐ уште ја имам во паричникот.

Мајка која никогаш не родила.

Превод од англиски јазик Ана Топенчарова Коваческа