На Ален Гинзберг
Таа ноќ имаше голем земјотрес,
Ален.
Седевме во твојот мал стан
во Њујорк
и токму додека се фотографиравме
земјата под нас
се затресе.
Се погледнавме еден со друг,
за да видиме кој ќе побегне,
но никој не избега
Ален,
никој.
Потоа излеговме да се прошетаме
и да подишеме чист воздух.
Ти, јас и твоето куче.
Зборувавме за шеесеттите,
за нашите љубови
и нашите Америки.
И тогаш сфатив,
дека не можам без тебе…
Татко Ален,
осамен учителу по смелост,
не ме оставај сам
на овој голем континент.
Немој да отпатуваш како Харон
по црните води на Лета.
Ајде да ја најдеме
изгубената Америка на љубовта!
Да тргнеме автостоп накај дома,
накај нашиот тивок ранч!

Превод: Никола Кукунеш